Македонец од Словенија во трката за Европски парламент!

Андреј Дочински, Словенец со македонско потекло или Македонец од Словенија, сеедно, е меѓу кандидатите од поранешната југословенска република за член на Европски парламент од Словенечка национална партија (Slovenska nacionalna stranka) на Змаго Јелинчич.

„Понесен од состојбата во која се наоѓа Република Македонија, како и бројните секојдневни предизвици со кои се соочува, чувствувам силна потреба од континуирани активности со цел вокализирање на македонското прашање. Многумина што веќе ме знаат мене и моите минати активности поврзани со македонската кауза, како еден од организаторите на двата протеста за поддршка на името на Република Македонија лани во Љубљана и во Крањ, како и другите заедници во Словенија, можат да посведочат за мојата посветеност на бранењето на човековите права. Претпочитам сплотено делување наспроти поделби, затоа што само така сметам дека се постигнува успех“, вели Дочински.

„Ја прифатив поканата да бидам кандидат на листата на СНС, единствената партија во Словенија што не ги признава Преспански договор и негирањето на македонската нација од страна на грчката во него, за претстојните избори за Европски парламент. Ја прифатив поканата бидејќи цврсто сум убеден дека сега е време за сплотеност, а не за поделби, сега е време за активно делување, а не за пасивност. Го прифатив предизвикот и, пред сè, си ветив сам на себе дека ќе продолжам да дејствувам како и досега – на прво место за Словенија и за моите граѓани Словенци, но и за сите мои сограѓани Македонци, Срби, Бошњаци, Црногорци… Во Европска унија мора да има место да се чуе и уважува и гласот на ‘малите’ народи, какви што се Словенците и Македонците, под исти услови што важат и за другите“, додава тој.

Дочински дипломирал на Факултет за безбедносни науки на универзитетот во Марибор, вработен е во Универзитетски клинички центар во Љубљана и е претседател на Синдикат за здравство на Словенија.

SHARE

Оставете коментар