Според повеќе извори, Македонецот Влатко Андоновски се очекува да биде новиот селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, актуелен светски првак и најуспешна селекција во историјата!

Промоцијата на 43-годишниот тренер на Рајн од Сиетл како нов кормилар на селекцијата со четири планетарни титули, исто толку олимписки злата и осум шампионати на КОНКАКАФ е планирана за в понеделник во Њујорк.

„Спортс илустрејтид“ се повикува на повеќе извори, според кои Андоновски е далеку најпосакуваното име за нов селектор од американските репрезентативки, некои од нив изјавувајќи дека за тоа биле консултирани од генералниот менаџер на националниот тим Кејт Маркграф.

Тој треба да дебитира на клупата на САД на натпреварите со Шведска на 7 ноември и со Костарика три дена подоцна на домашен терен.

Андоновски, кој е роден во Скопје, а живее во Канзас Сити со сопругата и со трите деца, е некогашен фудбалер на Работнички, Македонија ЃП и Вардар, како и на екипи од САД, преминувајќи во тренери по завршувањето на играчката кариера.

SHARE