Македонија ѝ врати на Грција, со „Едно име имаме“ испратена на ЕП

„Едно име имаме“ од грлата на двеилјадната публика во салата „Парк“ во Струмица го зачини триумфот над Грција од 27:23, со кој македонските ракометари се рехабилитираа за киксот во Кожани и како победници на квалификациската група одат на Европско првенство 2020.

Отпорот на противникот беше скршен во 50. минута, кога „црвено-жолтите“ стигнаа до максимални 23:17, по што рутински ја сочуваа предноста до крајот на мечот. Грците беа подобри во првите 25 минути, во кои во три наврата имаа и по три гола позитива, но полувремето Македонија го доби со 13:11. Творец на пресвртот беше голманот Никола Митревски со 13 успешни интервенции на средбата што ја почна по 10 минути игра, заменувајќи го Борко Ристовски.

Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен играч на натпреварот со шест гола, а Филип Талески и Жарко Пешевски постигнаа по пет.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац завршија први во третата група со 9 бода, еден повеќе од Исланд, кој дома ја декласира Турција со 32:22 и го потврди пласманот на првото ЕП со 24 селекции. Тоа ќе се одржи од 10 до 26 јануари 2020 година во Австрија, Норвешка и Шведска, а Македонија во ждрепката на 28 јуни во Виена ќе биде извлечена од вториот сад.

SHARE