Македонија доби нови пратеници, за спикер и влада ќе почека

Во досега невидени околности, со специјални здравствени протоколи, за прв пат во собраниска сала наречена „Големата купола“ денеска се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав.

Засега нема Спикер или Претседател на Собранието затоа што не се завршени преговорите за идната коалиција односно уште нема формирано парламентарно мнозинство за избор на спикер и нова влада.

Откако предходно беа проверени дали носат маски и имаат нормална телесна температура, новите народни избраници седнаа во пратеничките столчиња.

На конститутивната седница присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претставници на највисоките судски инстанции, Народниот правобранител и претставници на дипломатски конзуларни мисии во Македонија.

Со кревање на картончиња, пратениците прво избраа Верификациона комисија која ги верифицираше новите пратенички мандати согласно извештајот од ДИК за резултатите од предвремените парламентарни избори.

„Почитувани колеги пратеници во мое лично има и целата служба, на новиот состав и сите пратеници им го честитам мандатот и верувам дека нашите задачи и обврски ќе ги извршиме согласно уставните определби како претставници на граѓаните на Република Северна Македонија“, рече екс претседателот на Собранието Џафери кој претседаваше со новиот состав на народните избраници.