Македонија европски вицешампион по загаден воздух минатата година

Македонија била втората најзагадена земја во Европа минатата година, зад неславниот шампион Босна и Херцеговина, покажуваат податоците на „Ер вижуал“ и на „Гринпис“.

Веднаш зад Македонија меѓу државите на стариот континент според загаденоста на воздухот е Косово, четврта е Бугарија, а петта Србија.

На светско ниво, пак, Македонија лани завршила на 15. место. БиХ е 14., Србија 28., Хрватска 30., а лидер е Бангладеш.

Меѓу главните градови на глобално ниво Скопје е 16. Сараево е на 14. место, Приштина на 18., а Белград на 26. Њу Делхи е убедливо најзагадената светска престолнина, пред Дака (Бангладеш) и Кабул (Авганистан).

Извештајот на „Ер вижуал“ и на „Гринпис“ е заснован на количеството штетни честички ПМ 2.5 регистрирани лани на десетина илјади станици за следење на квалитетот на воздухот низ целиот свет.

SHARE