Македонија и БиХ со најевтин алкохол во Европа

Македонија и Босна и Херцеговина имаат најевтини алкохолни пијалаци во Европа, покажуваат податоците од најновото истражување на Евростат објавено денеска.

Цените на алкохолот во Македонија минатата година биле 72,2 проценти од просекот во Европска унија, а во БиХ 72 отсто. И во двете држави е забележано симболично поевтинување во однос на 2017 година: во Македонија од 0,6 проценти, а во Босна од 0,9 отсто.

Од Западен Балкан поскапи се и Србија (84,4 отсто од просекот во ЕУ), и Албанија (99,9 отсто), и Црна Гора (105,9 отсто), а за Косово нема податоци.

Најевтин алкохол во ЕУ се точи во Бугарија и во Романија (по 74 проценти од просекот на ЕУ), во Унгарија (77 отсто), во Чешка (82 отсто) итн., а најскап во Финска (82 проценти над просекот во ЕУ), во Ирска (+77 отсто), во Шведска (+52 отсто) итн.

Сепак, на стариот континент убедливо најскапи се алкохолните пијалаци во две нечленки на ЕУ – во Исланд тие се продаваат по цени повисоки за 167,6 проценти од просекот на Унијата, а во Норвешка за 152,2 отсто!

SHARE