Македонија и Грција договориле 10 од 14 точки, клучот е во ерга омнес

Според анализата на грчкиот весник „Катимерини“ за текот на разговорите меѓу Атина и Скопје за разликите за името на Македонија, двете страни постигнале целосна согласност за 10 од 14 точки, а клучот на договорот лежи во грчкото барање решението да важи ерга омнес, односно и за надворешна, и за внатрешна употреба.

„Практично, двете страни веќе постигнаа целосен договор за 10 од 14 точки од преговорите (кои се првенствено врз основа на текстот изготвен од страна на министерот за надворешни работи на Грција), кои, сепак, се однесуваат првенствено на прашања од ниска политика, како што се заеднички акции во високото образование, енергетиката, технологијата, прекуграничната соработка и културата. Четирите преостанати, се разбира, се критични: името (најверојатно ‘Горна Македонија’ без превод), опсегот на употреба (ерга омнес), промената на Уставот и меѓународните односи (т.е. НАТО, ЕУ и ОН)“, пишува уредникот за политика и кореспондент за дипломатија и за одбрана Василис Недос во написот насловен „Заев и четирите ‘трна’“.

„За таа цел, како што стана јасно по последниот контакт на господата Коѕијас и Димитров, формирани се две експертски комисии. На маса е ставена и преамбула, која е обид за враќање назад. Наводно, станува збор за разграничување меѓу историска, античка Македонија, која била грчка, и модерна, географска Македонија, која опфаќа три држави. Во неа потоа се населиле словенските племиња, односно на територијата на денешна Македонија, која очигледно зазема дел од географска Македонија“, се додава во анализата пред да се дојде до клучот за успехот на разговорите, според авторот.

„’Клуч’ за преговорите останува ерга омнес. Според информирани извори, господинот Заев се согласил со ерга омнес, но со ‘звезди’ главно поврзани со внатрешна употреба. Накратко, ПЈРМ сака да го задржи правото да го користи зборот ‘Македонија’ во земјата од различни причини (на пример, за името, за институции или субјекти како ‘Банка на Македонија’, ‘Универзитет Македонија’ и сл.). Ова ќе им овозможи издавање дипломи, сертификати и други официјални документи, во кои ‘Македонија’ ќе преживее по евентуалното решение за името“, објаснува Недос.

Анализата на „Катимерини“ наведува две сценарија. Основното за Атина е промена на македонскиот Устав и „ако разговорите се водат врз основа на него, тогаш ќе се отвори дебата за зајакнување на мерките за градење доверба, со цел да не се нарушат односите меѓу двете земји“. Според второто сценарио, Владата на Македонија треба да обезбеди изгласување меѓународен договор од страна на Собранието (со просто мнозинство, кое го има Заев), кој ќе биде врзан, меѓу другото, за идната уставна ревизија.

 

SHARE

Comments are closed.