Македонија и Србија заинтересирани за дел од атомската централа „Белене“

Македонија и Србија пројавија начелен интерес за делумно учество во проектот за Атомска електроцентрала „Белене“ како корисници на произведената струја од неа, соопшти бугарскиот вицепремиер за економски прашања Томислав Дончев.

„Сопственоста на акционерското друштво што ќе се формира ќе има три основни компоненти. Едната ќе биде на бугарската држава, не помалку од 25-30 проценти, втората ќе биде за стратешкиот партнер, кој ќе доинвестира свежи пари за довршување на изградбата, а имаме амбиција да има уште еден дел, кој ќе биде за сите останати заинтересирани. Македонија и Србија се заинтересирани токму за тој трет дел“, изјави Дончев за бугарската телевизија БТВ.

Изградбата на втората нуклеарка во Бугарија по „Козлодуј“ се проценува на околу 10 милијарди евра. Во 2012 година е запрена изградбата на „Белене“, а процедурата на барање инвеститори ќе биде објавена до крајот на месецов.

SHARE