Фудбалската репрезентација на Македонија се вмеша во борбата за историски пласман на Европско првенство преку квалификациите со триумфот над Словенија од 2:1 во Скопје.

„Црвено-жолтите“ се искачија на третото место во групата Г со 11 бода, колку што имаат и Словенците, но Македонија е подобра во меѓусебните дуели, благодарејќи и на ремито 1:1 во Љубљана.

Полска со победата во Летонија од 3:0 се зацврсти на чело на табелата со 16 бода, три повеќе од Австрија, која со пресврт славеше со 3:1 дома против Израел.

Третата победа во седмиот натпревар од квалификациите ја донесе Елиф Елмас со головите во 50. минута и во 68. минута, а почесниот погодок за гостите го постигна Јосип Иличиќ од пенал во петтата минута од судиското продолжение.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски в недела од 20:45 часот ѝ гостуваат на Полска.

SHARE