Македонија ја напуштиле 200.000 Албанци во потрага по работа и подобар живот?!

Известувајќи за одлуката на албанската Влада да ги укине работните визи за Албанците од Македонија и од Црна Гора, порталот „Балкан инсајт“ се повикува на проценки дека 200.000 припадници на најголемото македонско малцинство ја напупштиле земјата.

„Според некои проценки, околу 200.000 етнички Албанци од Северна Македонија си заминале од земјата за да работат во странство, барајќи подобри економски услови“, стои на крајот од написот посветен на одлуката на Владата на Еди Рама од 10 мај, според која Албанците од двата албански соседа го добија тоа што и нивните сонародници од Косово и од Прешевска долина во мај 2014 година.

„Иако тоа може да изгледа како потег без непосредно влијание или звучи како потполно симболична иницијатива, ова е неопходен чекор кон зголемување на врските со Албанците во соседните земји без диференцијација врз основа на државјанството“, напиша вчера на Фејсбук министерот за надворешни работи Гент Цакај, роден во Косово.

На последниот попис во 2002 година во Македонија биле регистрирани 506.083 Албанци.