Македонија како тема за подбивање во соседството

Историјата и македонското културно наследство стануваат предмет на отворени измејувања во соседна Бугарија, една година откако беше потпишан договорот за добрососедство која требаше „да ги релаксира“ односите меѓу двете земји како и „недоразбирањата“ од минатото кои, наводно, ја вознемирувале Софија.

Паралелно со историчари, на социјалните мрежи секојдневно се појавуваат постови кои дефинитивно не одат во прилог на добрососедството туку инсистираат на бугарскиот карактер на Македонија и негирање на македонската посебност идентитет и јазик.

Инаку, Комисијата за историските прашања која што на 2 јули тајно започна да работи во Софија се соочила со блокада откако еден од македонските историчари се противел на радикалните барања на бугарските членови на заедничкото мешовито тело кое треба да ги затвори прашањата за историјата меѓу двете земји.

Комисијата според договорот потпишан лани во август треба да решава прашања поврзани со личности и настани кои што и двете земји ги сметаат за свои. Посебна тема е прашањето за учебниците кои што ќе мора да се корегираат согласно заклучоците на комисијата.

Македонската страна во Софија заминала со генерален став дека Бугарија има право да слави и да ги чествува сите историски личности и настани за кои смета дека се дел од нејзината историја.

Бугарија инсистира дека не смеат да бидат прикажувани и како Македонски туку само како бугарски или како сесловенски. Меѓу нив има револуционери, научници и верски лица.