Македонија ќе го поддржи Косово за НАТО, најави амбасадорот во Осло!

Македонскиот амбасадор во Норвешка, Серџим Мухамед, најави поддршка од Македонија за членство на Косово во НАТО, пренесува „Косово онлајн“.

„Политиката за отворени врати за НАТО е активна. Ние го имаме Косово како сосед, го познаваме, имаме добри односи и ќе ги поддржиме ако продолжат да го следат овој пат. Но, постојат некои пречки што треба да се совладаат со текот на времето“, рекол Мухамед на онлајн дискусијата за членството на Македонија во Северноатлантската алијанса, организирана од Амбасадата на САД во Осло.

Изјавата на амбасадорот доаѓа пет дена по жестоката реакција на српскиот министер за одбрана Александар Вулин на изјавата на претседателот Стево Пендаровски во однос на Србија и на Косово дека „е против идејата за корекции на границите меѓу двете земји“.

„Претседателот на Северна Македонија може слободно да молчи на јазикот што никој не му го признава освен Србија, а на останатите јазици може уште погласно да молчи зошто никој ниту бара, ниту му го прифаќа мислењето“, изјави Вулин.

Трејси Њуел од Мисијата на НАТО, пак, на споменатата онлајн дебата нагласи дека во моментов не постои консензус во Алијансата за пристапување на Косово, бидејќи тоа, според неа, е чувствително прашање за некои од сојузниците.

„Тоа е комплицирано прашање, но ми се допаѓа. Да бидам искрена, моментно во Алијансата не постои колективна согласност за статусот на Косово. Тоа и понатаму е чувствително прашање за некои сојузници, кои во рамките на своите земји имаат сепаратистички региони, како Шпанија. Значи, за тоа нема консензус. САД имаат јасна позиција, но не можам повеќе да кажам“, изјави Њуел.

SHARE