Македонија, Ковид-19, последици и сценарија – Пишува проф. Зоран Иванов

Ковид-19 кризата е специфична и различна од останатите бидејќи ја замрзна глобалната економија и ја запре мобилноста на луѓе, стока, пари и идеи. Пандемијата ги донесе на површина политичките проблеми кои се резултат на нееднаквост, долготрајни вооружени конфликти и масовна миграција.

Економската и политичката стабилност на Република Македонија е во директна корелација со глобалните трендови. Доколку системски не се реорганизира економскиот систем, привремените мерки дополнително ќе ја продлабочат економската криза во наредните 6 до 12 месеци.

Во зависност од тоа какви одлуки ќе се донесат од страна на владата може да резултираат од една страна со политички и економски колапс и зголемување на социјалното незадоволство или од друга страна млако одржување на минимум функционална економија и создавање на услови за брзо враќање во нормална.

Ковид-19 докажа дека современиот свет како резултат на глобализацијата и капитализмот со сите негови карактеристики е најранлив. Нарушен е основниот економски прицип – трговска размена. Политичките одлуки се клучни за понатамошнот опстанок, развој или колапс на самата држава, бидејќи се во директна корелација со економскиот систем. Праксата покажува дека начинот на донесување на одлуките, нивната реализација и одржливост зависат од политичката култура во државата.

Пред пандемијата, поради долготрајната политичка криза во Македонија се бележеше економска стагнација. Македонија спаѓа во категоријата на мали држави со зависна економија од услужни дејности и странски инвестиции. Први на удар од кризата предизвикана од КОВИД-19 се токму овие два елементи. Во денешни услови услужните дејности се главната економска гранка која учествува со околу 70% од економијата.

Споредбено, во текстилната индустрија има нешто помалку од 30,000 вработени, а во казината, обложувалниците и игрите на среќа во моментов е борјката на вработени е порасната на 16,000. Ова бројка укажува дека државата воопшто нема развојна политика за зголемување на производството. Транспортот, туризмот и угостителството се носители на економијата по бројот на вработени и профит.

Сето ова се должи на реализација преку мали и средни претпријатија. Како резултат на мерките покрај забраната на социјални собирања и ограничена слобода на движење, минимизиран е домашниот и меѓународен транспорт, а првичните отпуштања од работа се веќе отпочнати. Нема да можат да издржат ликвидност на подолг временски период, што ќе резултира со спирала на економски колапс и дополнително зголемен број на лица отпуштени од работа.

Одржување на малите и средните претпријатија во бизниси ќе зависи од успешноста на владата да ја реализира економската помош како и прилагодливоста на новите промени во економска култура на водење бизнис. За жал, во Македонија процесот на спроведување на економските мерки за помош на економијата е сеуште во почетна фаза. Ненавремена реализација на овие мерки допринесува во зголемување на проблемите со проблемите сиромаштија, затварањето на малите и средните претпријатија, губењето на средната класа во општеството.

Истите може да имаат директни последици врз безбедноста, бидејќи се зголемува бројка на луѓе кои остануваат без работа односно не можат да ги задоволат основните животни потреби на неодредено време. Неизвесноста и зголемувањето на сиромаштијата можат да резултираат со бран на општествено незадоволство, кое може да прерасне во внатрешно безбедносен проблем. Последици треба да се очекуваат и поради анксиозноста како резултат на социјалното дистанцирање и рапидното влошување на психолошката состојба на луѓето. Тоа би преставувала дополнителен безбедносен и особено здравствен проблем во блиска иднина.

Заклучок е дека не постои сигурен економски систем кој ќе овозможи економско планирање и развој на среден и долг рок, а дополнително производствената индустрија и извозот се во постојан пад, што секако е посебна тема за анализа.

Македонската економија е зависна од странски инвестиции и во наредниот период не треба да се очекува дека тие ќе растат. Најголемите странски инвеститори во државата се земјите членки на ЕУ. Тие се соочуваат со сериозни политички и економски проблеми, што е доволен индикатор дека во наредниот период не помал од 12 – 18 месеци имагинарно е да се очекува дека ќе има нови. Најголемите директни инвестиции во Македонија се од Обединетото Кралство, Австрија, Грција, Холандија и Словенија. Економските последици од пандемијата се предизвик за овие држави особено за Грција, Словенија и Обединетото Кралство.

Грција историски има економски проблеми со државниот долг и рецесија. Економските последици од пандемијата за Грција можат да бидат големи бидејќи повеќе од 20% од БДП на Грција се должи на туризам. Обединетото Кралство се справува со процесот на од излегувањето ЕУ како и глобалните геополитички предизвици. Ковид-19 ја продлабочи политичката поделеност во ЕУ на „богатиот“ Север и „сиромашниот“ Југ. Пандемијата ја наметна потребата да секоја држава да ги стави во преден план сопствената безбедноста и опстанок.

Одлуките кои се носат во земјите членки на ЕУ се преку призмата на националните економските интереси на државите особено со почетокот на кризата. Колективната соработка е во втор план. Некои светски аналитичари сметаат дека опстанокот и унитарноста на ЕУ се доведени во прашање. Земајќи ја во предвид комплексноста на предизвиците со кои се соочува ЕУ, Македонија сериозно мора да го ревидира начинот на донесување на политички одлуки како би ја задржала соработката со ЕУ, а особено процесот на пристапни преговори.

Единствено решение за вакви комплексни проблеми е директно соочување со проблемот и носење на одржливи политички одлуки. Доколку имаме тренд на донесување на политички одлуки за остварување на краткорочни партиски агенди дополнително ја комплицира политичката и економската нестабилност.

Економијата зависи од политиката и обратно. Долгиот период на политичка криза не само што резултираше со економска стагнација, туку и суштински ја промени политичката култура, вредностите, системот и самиот начин на донесување на одлуки. Политичката номенклатура во Македонија е поделена во три основни групи: неолиберали, националсуверенисти и транзициски политичари.

Пред пандемијата неолибералите во Европа не успеаа да одговорат на социјалните потреби и забрзано ја губат поддршка кај народот. Истото се случува и во САД. Пандемијата очигледно ги затвори државите, а тоа значи дека секоја држава сега е приморана самостојно да се справува со проблемите. Македонија се наоѓа во многу комплексно регионално опкружување и исклучително комплицирана внатрешно политичка средина.

Промовирањето на различностите по раса и етникум заедно со индивидуализмот при тоа минимизирајќи ги државните интереси, дополнети со алчноста на транзициските политичари суштински ја променија политичката култура во изминатите неколку години. Се изгубија културните и политичките вредности на заштита на државните интереси и владеењето на правото и комплетно се промени начинот на донесување на одлуки. Постои комплетна ерозија на доверба во државните институции. Кризата од пандемијата како и порастот на ксенофобичниот однос на државите во регионот наметнува итна промена на оваа политичката култура со цел да можат да се донесуваат одржливи одлуки.

Оваа состојба наметнува над политички, сеопфатен пристап, суверено ориентиран процес на донесување на одлуки исклучително со почитување на владеење на правото и спроведување на законите. Моменталната политичка култура, на долг рок и начинот на кој се донесуваат политички одлуки е неодржлив. Затоа потребно е да се размислува на некаков тип на амалгам од двата водечки концепти кои ќе се обединат во заштита на државните интереси, а не на партиската агенда. Воедно потребно е да се лимитира влијанието на транзициските политичари врз државните процеси и институции.

Се соочуваме со комплексни проблеми на денешницата, а транзициските политичари од 90-тите, познати по скандалите со приватизацијата и немањето изградено политички ставови во духот на заштита на Република Македонија.

Одлуките кои веќе се донесуваат креираат две потенцијални сценарија. Секое остварување на дадено сценарио се следи преку поставени индикатори. Потребно е поклопување на повеќе од 70% од наведените индикатори со цел да се оствари едно сценарио:

Сценарио бр.1: Амортизирано примање на ударот врз економијата, одржување на релативна стабилност, брза реорганизација на економијата и домашната и надворешната политика.

Индикатори:
– Ребаланс на буџетот со цел искористување на сите расположливи ресурси;
– Трансфер на финансиската добивка од оние кои имале најголема добивка од државата и нивна пренамена;
– Формирање и реализација на Итен План за директна финансиска помош на малите и средните претпријатија;
– Итна реорганизација на административните процедури кои ќе овозможат ефикасна реализација за добивање на финансиските средства;
– Намалување на каматите и зголемување на ликвидноста со цел одржување на финансиската стабилност;
– Донесување мерки за итна реорганизација на здравствениот систем кој ќе овозможи превенција преку правилна дијагноза и соодветен третман,
– Формирање на Итен План за реорганизација на економијата со цел зголемување на производството на сметка на увозот и услужните дејности,
– Промена и прилагодување на политиката и политичкиот наратив кој соодветно ќе одговори на регионалните предизвици кои директно го загрозуваат постоењето на Македонскиот народ и држава,
– Воведување на систем на вредности преку кој ќе се поставуваат и оформуваат државните институции, со цел департизирање на истите заради враќање на довербата во истите

Сценарио бр.2: Второто сценарио е резултат на одлуки кои ќе ја продлабочат економската нееднаквоста и неодржливоста на бизнисот и резултира со социјални немири.

Индикатори:
– Еднострано носење на политички одлуки кои суштински влијаат врз секојдневното функционирање на државата без поддршка од народот и останатите политички субјекти;
– Неконтролирано задолжување на државата без одредување на мерки на мерливост за потребите и сумата на задолжување;
– Неспроведување на ребаланс на буџетот и апсолутно исцрпување на сите расположливи ресурси;
– Неправилно распоредување на ресурсите,
– Неспроведување на економски систем кој ќе овозможи развој и одржливост на Малите и Средните претпријатија;
– Преземање на економски одлуки кои ја зголемуваат економската нееднаквост;
– Дополнително задолжување на граѓаните со кредити со иста каматна стапка;
– Неспроведување на реорганизација на Економскиот систем на државата,
– Одржување на статус кво во производствените капацитети на економијата;
– Неспроведување на систем кој ќе формира потрошувачко општество на домашните производи,
– Нереагирање на нападите врз од соседите врз виталните интереси на државата

Успешноста во справувањето со оваа криза се базира на три основни принципи, флексибилност, сеопфатност и развојно фокусиран пристап. Флексибилноста подразбира прилагодување на одлуките на променетата ситуацијата. Сеопфатноста опфаќа вклучување на експерти од повеќе различни области без разлика на партиската определеност, со работно и професионално искуство во релевантната материја. Треба да се надмине партиската определеност во давање на придонес во надминување и справување со оваа криза и да се искористат професионалци со искуство во областа.

Оваа криза ќе биде долготрајна, затоа одлуките треба да следат пристап кој ќе биде развојно фокусиран. Секоја ад-хок одлука со краткотрајни цели кои носат политичко партиски поени ќе креираат многу проблеми во наредните 6 -12 месеци.

Оваа криза ќе ја надминеме само ако работиме заедно и ги совладаме стереотипите кои се провлекуваат повеќе од две децении.

Пишува Проф. Зоран Иванов

Кој е Д-р Зоран Иванов?

Роден на 31.07.1975 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Воената академија на Република Македонија. Во 2011 година завршил постдипломски студии, воени науки и вештини во Форт Левенворт, САД. Во 2011 година, исто така, завршил командно-штабна академија во Форт Левенворт, САД. Во 2014 година ги завршил докторските студии на Институтот за национална историја на Република Македонија. Од 1999-2003 година бил тим лидер во Баталјонот за специјални сили во Армијата на Република Македонија; од 2003-2005 година бил офицер за специјални операции во Баталјонот за специјални сили во Армијата на Република Македонија; од 2005-2007 година бил командир на чета во Баталјонот за специјални сили во Армијата на Република Македонија; од 2007-2008 година бил офицер за специјални операции во Полкот за специјални операции во Армијата на Република Македонија; од 2008-2009 година бил разузнавачки аналитичар во ССВБиР; од 2009-2017 година бил началник на одделение за разузнавање во ССВБиР. На 27.03.2017 година е именуван за директор на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија.