Кој чека, ќе дочека: Македонија ќе го заземе местото на Чешка на 27. Светско првенство во Египет, соопшти Меѓународната ракометна федерација (ИХФ)!

„Поради неколкуте позитивни случаи на задолжителителните тестови за Ковид-19 пред тргнувањето за Египет, Чешка и официјално прати известување дека нема да учествува на СП во Египет. Во согласност со Правилникот за натпреварување за настап на СП, ја повикавме репрезентацијата на Македонија, која беше прва резерва на нашата листа. Македонија беше номинирана како прва резерва поради освоеното 15. место на ЕП 2020“, соопшти ИХФ.

Македонските репрезентативци во текот на денов беа подложени на тестови и сите беа негативни, за разлика од Чесите, кои до организаторот пријавиле 15 позитивни во нивниот табор.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе ја заменат Чешка во групата Г, во која противници ќе им бидат домаќинот Египет, четирикратниот светски првак Шведска и аутсајдерот Чиле, кој два пати со ослабен состав го совладаа во контролните средби неодамна.

Според распоредот, „црвено-жолтите“ на мундијалот ќе стартуваат в четврток против Швеѓаните, два дена подоцна ќе ги одмерат силите со Египќаните и на 18 јануари со Чиле.

Трите најдобри селекции продолжуваат во втората фаза по групи.