Македонија може да предизвика внатрешен конфликт во НАТО

Македонија претставува поголема опасност за конфликт кој би ја вовлекол Америка, отколку Црна Гора, пишува американскиот портал National Interest во анализа на потребата на САД да бара мали и безначајни сојузници на Балканот.

Критичарите на претседателот на САД, Доналд Трамп, многу лесно се нафатија да го исмеваат за неговата изјава дека малечката Црна Гора, поради статусот на членка на НАТО, би можела да ја вовлече САД во светски судир, пишува медиумот. Но ја занемарија вистинската опасност на Балканот: Македонија, која е, всушност, во многу поголема опасност да послужи како иницијативна капсула на поголем судир кој би ја вовлекол и САД.

Додека Црна Гора има релативно добри односи со соседите, се вели натаму во анализата, Македонија има долгогодишен и постојан проблем со албанските екстремисти и нивниот сон за голема Албанија. Поривот за создавање на таква „голема Албанија“, по кратко затишје, повторно се засилува и тоа создава огромен проблем за можната идна членка на НАТО, но и за алијансата и, преносно, за САД, појаснува медиумот.

Имајќи го ова предвид, пишува National Interest, што ако Македонија стане членка на НАТО, а тоа не ги смири поривите на албанските екстремисти туку, напротив, ги засили, а Скопје превземе акции против Албанија и Косово за да ја спречи помошта кон екстремистите во земјата, со тврдење дека ове држави извршиле агресија? Тоа воопшто не е далеку од реалноста, а последиците од тоа две членки на алијансата да влезат во отворен судир се неизмерни, предупредува National Interest.