Македонија на 8 место во Европа по вооруженост на граѓаните

 Околу 621 илјада парчиња оружје поседуваат граѓаните на Македонија. Од нив, само 169.687 се регистрирани, а 451.313 нерегистрирани, покажуваат податоците од истражувањето на организацијата „Small Arms Survey“ (SAS).

Со овие бројки земјава се наоѓа на осмото место во Европа и 13-та во светот по поседување огнено оружје по глава на жител. На прво и второ место во Европа се две земји од Западен Балкан Црна Гора и Србија.

Во земјава постои евиденција кој сè поседува легално оружје, но не и информација или некаква проценка за нелегалното оружје, за што останува, само да се шпекулира.

Според евиденциите на Секторот за оружје, експлозивни и опасни материи, во Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи, во 2018 година регистрирани се околу 180.000 парчиња оружје.

Во делот на недозволена трговија со оружје, МВР за МИА информира дека во периодот од јануари до јуни 2019 година регистрирани се вкупно 102 кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ за кои се пријавени 117 сторители, при што се запленети вкупно 83 парчиња огнено оружје, пренесува Сител.

SHARE