Македонија не беше меѓу 129 земји што гласаа во прилог на предлог-резолуцијата за борба против величањето на нацизмот, усвоена вчера на пленарна седница на 73. заседание на Генерално собрание на Обединети нации.

Документот предложен од Русија и коспонзориран од 54 држави, против кој гласаа САД и Украина, а 54 земји беа воздржани, главно од Европска унија, изразува „длабока загриженост поради глорификацијата на нацистичкото движење во каква и да е форма, вклучувајќи го подигнувањето споменици и одржувањето јавни демонстрации“.

Генералното собрание на ОН во усвоената резолуција „повикува за универзална ратификација и ефикасно спроведување на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација“ и ги охрабрува државите да ги елиминираат сите форми на расна дискриминација со сите соодветни средства, вклучувајќи ги и законските“.

„За голема жал, #Македонија не беше меѓу 129-те земји кои вчера го дадоа својот глас за борба против нацизмот, неонацизмот и расната дискриминација“, констатира Амбасада на Русија во Скопје на својот профил на Твитер.