Македонија пресилна за Летонија во 100. настап на Пандев

Успешен старт на фудбалската репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство, кои во Скопје ги отвори со триумф од 3:1 против Летонија во 100. настап на Горан Пандев.

Капитенот беше асистент за водечкиот погодок на Езгјан Алиоски во 11. минута, а уверливата победа ја зачини македонскиот фудбалски бисер Елиф Елмас со своите први два гола за националниот тим во 29. минута и во третата минута од судиското надополнување.

Неизвесност во финишот внесе автоголот на Дарко Велкоски во 87. минута, пред Елмас со брилијантен погодок да стави точка за прво место на Македонија во групата Г по првото коло.

В недела избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе ѝ гостуваат на Словенија, која ремизира 1:1 во Израел, а Полска славеше во Австрија со 1:0.

SHARE