Македонија трета најсиромашна држава во Европа, според Евростат!

Македонија е третата најсиромашна држава меѓу 37 земји во Европа, според податоците на европската статистичка агенција Евростат за 2019 година.

Агенцијата пред четири дена ги објави податоците за „вистинската индивидуална потрошувачка“ (АИЦ), што е мерка за материјалната благосостојба на домаќинствата, која во Македонија е 43 проценти од просекот во Европската унија. Зад неа се само Албанија со 40 отсто и Босна и Херцеговина со 42 отсто, а од другите земји во регионот Србија е на 49 проценти, Бугарија на 59 отсто, Црна Гора на 60 отсто, Хрватска на 66 отсто итн.

Според овој критериум, најбогата држава во Европа е Луксембург со 35 проценти над просекот во ЕУ, пред Германија со 23 отсто, а над средната големина за Унијата се и Австрија, Данска, Белгија, Холандија, Финска, Шведска и Франција, како и нечленките Исланд, Норвешка, Швајцарија и од лани Велика Британија.

Македонија е трета одзади на стариот континент и според вториот параметар за благосостојбата – бруто домашниот производ (БДП), исто така изразен во „стандардите на куповна моќ“ (ППС) како АИЦ. Македонскиот БДП е 38 проценти од просекот во ЕУ, а зад неа повторно се само Албанија со 31 отсто и БиХ со 32 отсто. БДП на Србија е 41 процент од просекот во Унијата, на Црна Гора 50 отсто, на Бугарија 53 отсто, на Хрватска 65 отсто итн.

И по овој критериум убедливо прв е Луксембург, чиј БДП е поголем за 161 процент од тој на ЕУ, втора е Ирска со 91 отсто над просекот на Унијата, трета Швајцарија со 53 отсто поголем БДП итн.

SHARE