Руската информативна агенција РИА Новости ја коментира „желбата на Бугарија да ја приватизира историјата на кирилицата“, при што значајно место ѝ посветува и на Македонија.

„Во Бугарија одново зборуваат за навреди нанесени од Москва. Конкретно, таму е многу популарна претставата дека Русија генерално ја игнорира улогата на Бугарите во описменувањето на Словените, за создавањето на кирилицата и, следствено, за руската литература. Овој пат повод беше изложбата по повод Денот на словенската литература и култура, поставена пред влезот на Рускиот културно-информативен центар (РИКЦ) во Софија.

Писателот и новинар Огњан Стамболиев објави гневна статија во која беше налутен од фактот дека ‘Русите, место да ни се заблагодаруваат, сè уште ги кријат, па дури и целосно ги негираат улогата и важноста на Бугарите во крштевањето и во создавањето на нивната литература’. Како посебно ужасен факт авторот наведува дека Владимир Путин наводно ја ‘предизвикал’ Бугарија со својата јавна изјава дека ‘азбуката на браќата Кирил и Методиј потекнува од … Македонија’.

Во овој случај, употребата на честичката ‘наводно’ е фундаментална, затоа што во реалноста рускиот претседател едноставно не кажа такво нешто.

Пред точно три години, навистина избувна голем скандал околу зборовите на Путин на оваа тема, за која речиси целото државно раководство на Бугарија излезе со остри изјави, слични на сегашните зборови на Стамболиев. Во мај 2017 година рускиот лидер на средба со својот колега од Македонија (тогаш не од Северна), меѓу другото истакна дека ‘писменоста дојде кај нас токму од македонската земја’.

Формулацијата е апсолутно правилна, како што соопшти и руското Министерство за надворешни работи, бидејќи ‘дури и во времето на Римската империја регионот во кој подоцна се родија и работеа Светите Кирил и Методиј се наречекува Македонија’. Сепак, никој во Русија не се обидува да го негира придонесот на Првото бугарско царство за создавањето на словенската писменост, бидејќи ‘тоа би било во спротивност со историските факти’.

Освен тоа, токму таквата формулација (со оглед не на државната припадност, туку на историскиот и на географскиот регион каде што се случија настаните) може да се смета за политички најточна“, пишува авторката Ирина Алкснис во написот насловен „На Бугарија повеќе ѝ одговара да нè обвинува, отколку да преземе одговорност за своите грешки“.

„Регионот, сега поделен меѓу Грција, Северна Македонија и Бугарија, има многу турбулентна историја, која трите земји успешно ја претворија во минско поле во последните децении, спорејќи меѓу себе за настани од пред повеќе од илјада години. Приказната за преименувањето на Македонија во Северна Македонија под притисок на Грција, незадоволна од ‘узурпацијата’ на името на нејзината историска провинција, е на иста линија со желбата на Бугарија да го ‘приватизира’ создавањето на кирилицата.

Неуморната и бескомпромисна борба на трите држави за нивното големо минато изгледа особено импресивно во заднината на нивната прилично депресивна сегашност. Грција стана симбол на социо-економската деградација на јужна Европа. Северна Македонија се откажа од своето име за да влезе во НАТО (дури тогаш Атина престана да го блокира процесот). Меѓу новите членки на ЕУ, Бугарија стана можеби највпечатливиот пример за самоуништување и демонтажа на сопствената економија во корист на Брисел.

И да, сите три случаи се придружени со засилување на антируските политики, со внимателен избор на навредите и повредите нанесени на Русија. Најразлични скандали, од шпионски до религиозни, сега веќе по обичај ги разнишуваат односите на Москва со државите од ‘македонската земја’“, се вели во коментарот на РИА Новости.

SHARE