Македонија во НАТО со 31 тенк, над двојно повеќе од Словенија

Македонија, од неодамна 30. членка на НАТО, располага со 31 тенк, наведува „Милитари баланс“ во извештајот за 2020 година.

Станува збор за моделот Т-72А, набавени во Украина во 2001 година, кои се најнапредна верзија на Т-72 во регионот, направена за Советската армија, за разлика од извозната верзија што ја користат Бугарија и Унгарија, со потенок оклоп и со послаби борбени карактеристики.

Од земјите во регионот помалку тенкови има Словенија, која располага со 14 М-84 во активна служба од 57 преземени од ЈНА по повлекувањето во 1991 година. Албанија и Црна Гора немаат ниту еден.

Од вкупно 924 тенкови во армиите на осум држави од опкружувањето, најмногу има Романија – вкупно 400.

Следува Србија со 212 (од нив 199 М-84 и М-84А, како и 13 Т-72), а трета е Бугарија со 90 (Т-72М1 и М2).

Хрватска располага со 75 М-84, а Босна и Херцеговина има 58, од кои 13 М-84 и 45 американски М60А3.

Унгарија има 44 Т-72, а нарача уште толку Леопард 2А7.

SHARE