Македонија воздржана во српско-косовски електроенергетски спор

Македонија гласаше воздржано на барањето на Приштина да ја преземе електромрежата од Србија, односно дистрибуцијата на струја на северот на Косово, кое беше одбиено од Европско здружение на електромрежи.

„Мислевме дека немаме никакви шанси. Унгарија гласаше против нивниот предлог, Романија исто така гласаше за нас, потоа Босна и Херцеговина, Грција и првпат Македонија и Црна Гора беа воздржани. Им благодарам за тоа на сите. Овој пат не успеаја да го направат тоа што сакаа во енергетската заедница“, се пофали српскиот претседател Александар Вучиќ, додавајќи дека тоа за Србија е многу важно, дури и позначајно од Интерпол.

Приштина бараше да ја преземе дистрибуцијата на струјата на северот на Косово со образложение дека „Електромрежа на Србија“ лошо раководи со таа работа, за што, според Вучиќ, има поддршка од Европејците.

Ако беше прифатен предлогот на Косово, Србија ќе изгубеше еден далекувод кон Македонија, два кон Албанија и три кон Црна Гора.

Гласањето воздржано не кореспондира со најавите од македонскиот премиер Зоран Заев за поддршка на Косово „во сите процеси“, давани при секоја средба со претставници на косовскиот државен врв.