Македонските ракометари загубија од Чешка со 27:25 во второто коло на Европското првенство и си ги намалија шансите за пласман во втората фаза.

Сега ќе мораат да вадат костени од оган против соорганизаторот Австрија, и тоа пред нејзините навивачи во Виена во вторник од 18:15 часот.

Победникот го реши лошото отворање на второто полувреме од „црвено-жолтите“, кои по водството од 11:9 по првиот дел дозволија противникот да се одвои на 15:12, а во завршницата влегоа и со четири гола предност.

Македонија, сепак, се врати во игра, израмни на 22:22, потоа и на 24:24, но повторно им дозволи на Чесите да поведат и да слават победа со која се вратија во игра за вториот круг на шампионатот.

Огромна заслуга за тоа има 40-годишниот голман Мартин Галија, кој правеше чуда на чешкиот гол и заврши со 14 успешни интервенции, за разлика од Борко Ристовски и од Никола Митревски, кои заедно запишаа само четири одбрани.

Македонскиот капитен Кирил Лазаров немаше поддршка во нападот, па неговите 11 гола се покажаа недоволни за нов успех по стартната победа над Украина.

SHARE