Македонците кои живеаат во соседните држави, како и Македонците од Егејска Македонија, кои сега живеаат во Македонија, се собраа на традиционалната „Егејска вечер“, но и семакедонска средба во Штип.
Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на општина Пустец во Албанија вели дека во моментов актуелно е бугарски здруженија преку хуманитарни активности и лекари кои прават бесплатни прегледи на населението да ја извртуваат вистината за населението кое живее во овој регион во Албанија.
„Сега во последно гледаме дека си играат и го злоупотребуват дури и здравјето на луѓето. Доаѓаат доктори од Бугарија, прават бесплатни прегледи, а потоа го прикажуват тоа како хуманитарни акции кај бугарското население во Мала Преспа. Реално таму нема Бугари, освен Македонци. Ние знаеме што сме и не треба никој од страна да ни кажува“, вели Темелко.
Посочува дека Македонците во Албанија очекуваат наскоро да се отвори и конзулат во Корча и вели дека имаат и одлична соработка и подадена рака од премиерот Христијан Мицкоски за низа на манифестации.
Архимандритот Никодим Царкњас вели дека прашањето на Македонците во соседните земји треба да се споменува од страна на македонските власти.
„Во Скопје има амбасадори американски, француски и од други земји од Европа.Треба и премиерот и претседателката да ги повикуваат или да кажуваат што се прави со нашите Македонци во егејскиот и во пиринскиот дел“, вели Царкњас.
Трајче Димков од Здружението „Мирка Гинова“ – Штип појаснува дека во Штип секоја година се одржува семакедонска средба, која ги поврзува Македонците кои живеат во Грција, Бугарија и Албанија.
„Целта е да упатиме порака дека постоиме и дека онаа неправда која ни е нанесена е голема и бараме да се реши нашиот статус, односно решавање на статусот на сите Македонци надвор од Македонија“, изјави Димков.
Триесет години оваа средба се организира во Штип, со цел зачувување на македонскиот идентитет, но и поврзување на Македонците кои живеат надвор од границите на Македонија.