Македонија

„Безбеден град“ се проширува – што треба да знаат возачите

Системот што веќе работи од февруари сега ги покрива и Охрид, Дебар, Кичево и Струга

Oд 12 октомври паметниот систем „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира и на територијата на Секторот за внатрешни работи Охрид, односно во општините Охрид, Дебар, Кичево и Струга.

Ова денеска го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад.

Подготовките се во завршна фаза. Во текот на наредните две недели треба да се комплетираат преостанатите активности поврзани со командниот центар и целосна имплементација на системот.

– Се наоѓаме во завршна фаза и начелно се договоривме со началниците дека би биле подготвени да почнеме со практична примена на „Безбеден град“ и на територијата на СВР Охрид, заклучно со 12 октомври.

Сакам да ги известиме македонските граѓани, особено жителите на општините Дебар, Кичево, Струга и Охрид, дека на територијата на СВР Охрид почнуваме со примена на „Безбеден град“ заклучно со 12 октомври – рече Тошковски.

Системот „Безбеден град“ во земјата е во функција од 1 февруари годинава.

Потоа следеше период на адаптација од два и пол месеци, во кој граѓаните биле известувани и контролирани за сообраќајните прекршоци, а системот истовремено бил тестиран и унапредуван.

Министерот потсети дека во споредба со истиот период минатата година бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 отсто, со 34 жртви помалку.

– Тоа се 34 семејства во државата… Мислам дека е нешто фрапантно што сме го постигнале сите како граѓани на Македонија – рече Тошковски, упатувајќи благодарност до граѓаните кои со своето однесување и почитување на сообраќајните правила придонесуваат за спасување човечки животи.

Тошковски информира и дека е договорено со Европската Унија припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“ да бидат присутни не само на јужната, туку и на западната граница.

– Очекуваме во овој дел да почнеме со заеднички активности до крајот на оваа година, со што ќе можеме да кажеме дека имаме подобра контрола на целокупната граница, особено на границата со нашиот западен сосед, Република Албанија – рече Тошковски.

Во однос на условите за работа во СВР Охрид, министерот посочи дека е планирано службите да бидат префрлени во нов објект во поранешната касарна во Охрид. Таму подоцна ќе биде дислоциран и командниот центар на системот „Безбеден град“, кој дотогаш ќе функционира во објектот на Регионалниот центар Запад.

Опремата и ресурсите поврзани со „Безбеден град“ во иднина ќе бидат преместени во новиот објект, а реновираните простории во Регионалниот центар Запад ќе продолжат да се користат за други потреби на полицијата.

Главната зграда на СВР Охрид е дотраен објект предвиден за уривање. На нејзино место, според плановите на локалната самоуправа, е предвидена изградба на подземна гаража за возила и уреден плоштад со соодветно хортикултурно уредување над подземната инфраструктура.

Најнови вести од: Македонија

Зошто во Македонија секој трет стан е празен?!

Во Македонија има доволно станови за парадоксот да изгледа неверојатно: според последниот попис, повеќе од 307 илјади станови се ненаселени, односно секој трет стан во земјата нема постојани жители. А сепак, квадратниот метар продолжува да поскапува, во Скопје и Охрид на атрактивните локации веќе се пробиваат и границите од 3.000 евра.

(Видео): Ребалансот е поради лошото менаџирање на економијата, вели Филипче

Опозицискиот лидер оцени дека и покрај намалувањето на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата во изминатиот период пораснала за повеќе од 50 отсто, што според него значи дека приливите во Буџетот од ДДВ и акцизи не би требало да бидат намалени, туку би требало да останат најмалку на истото ниво.

(Видео): Владата најавува нов ребаланс до крајот на месецов – Од каде ќе се крати?!

Поради намалените буџетски приходи за околу 7 до 8 милијарди денари по основ на акциза и намалено ДДВ за горивата, премерот за месецов најави ребаланс на буџетот, оти како што рече, за Владата прв приоритет е стандардот на граѓаните.

To top