Македонија

Героски: Филмот „Враќањето на бугарскиот Цар Самуил во татковината Бугарија“ е пропаганда и мизерија на најјако!

Ете баш вака изгледа „заедничката историја“ на европејски начин. Сите коски се бугарски! Политичка митологија и пропаганда пуштени на најјако. Грда и болна демонстрација на сила. Мизерија. А допрва ќе мора да признаеме дека нашата „заедничка историја“, всушност, е туѓа. Дека сме ја украле. Дека сме фалсификатори и лажговци. Дека, всушност, сме измислени и дека не постоиме. Уште има некој кому ова не му е јасно? Ова го истакнува новинарот Бранко Ѓероски во својата колумна со наслов „Цар Самуил се враќа во ‘татковината Бугарија’ со самолет, aj па ние утре Гоце Делчев ќе им го вратиме со дрон!“, објавена во порталот „Плус инфо“.

Натаму, покрај другото, во оваа колумна се наведува: Сега вака, а исто вака и во иднина ќе изгледаат „добрососедство“ и „заедничката историја“ меѓу европските држави на југот на Балканот. Кога ние ќе почнеме сериозно да преговараме за членство во Европската унија, откако претходно, нормално, ќе ги запишеме нашите браќа Бугари во Уставот и така ќе им покажеме дека не се „дискриминирани“. И кога ќе прифатиме дека „заедничката историја“ е заедничка, само ако е без нас. Заедничка, ама туѓа. Никако наша.

Тоа е пораката на филмот „Враќањето на големиот бугарски Цар Самуил во својата татковина Бугарија“. Неговите „коски“, односно нечиите посмртни останки коишто никогаш не се идентификувани со каква било научно признаена метода, ќе бидат положени во црквата „Света Софија“ во Софија. Со нив и коските што им се припишуваат на Гаврил Радомир и на други членови на царевото семејство, за кои дури и се признава дека само се претпоставува дека се нивни.

Кога била Софија, односно средновековен Средец, столица на Самуиловото царство? Никогаш. Јадрото и седиштето на таа средновековна држава секогаш биле Преспа и Охрид. Кога бил Самуил Бугарин? Никогаш. Има повеќе хипотези за етничката припадност на овој средновековен владетел, но ниту една сериозна дека бил „етнички Бугарин“. Како што анализира историчарот Митко Б. Панов, признат авторитет за средниот век, современиците на Самуил воопшто не ја идентификувале неговата држава со терминот „Бугарија“. Тие никаде не навеле дека таа била продолжение на Бугарското царство и дека поданиците биле „Бугари“, ниту дека Самуил се стремел кон бугарските царски традиции за да обезбеди легитимитет на државата и на царската титула.

Тоа е клучниот дел од анализата на историчарот Митко Б. Панов. Наспроти ова, во февруари 2019 година, македонскиот дел од Заедничката историска комисија, ќе потклекне под притисокот од Софија и од Струмица и ќе признае дека „цар Самуил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република С.Македонија“. Цар Самуил и неговата драматична судбина се прогласени за „симбол на заедничката историја“, која ја споделуваат двете современи држави, Македонија и Бугарија.

Актуелниот договор на две други современи држави, членки на ЕУ, Грција и Бугарија, за „враќање“ на посмртните останки на Самуил (за кои, да повторам, не се знае со сигурност дека се негови) во „татковината“ во Софија (за која, пак, многу добро се знае дека не му е татковина), меѓу другото, е флагрантно кршење и на договореното меѓу Софија и Скопје и „спонзорирано“ од ЕУ. Има нешто многу грдо во оваа најавена променада на куп коски од Солун во Софија, веројатно под патронат и на Брисел. И нешто многу болно во ова повторно „побугарчување“ на Цар Самуил и во присвојувањето на неговото наследство.

Целата колумна тука

Најнови вести од: Македонија

Унгарскиот премиер Маѓар ја пречека Сиљановска-Давкова во Будимпешта

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, престојува во официјална посета на Будимпешта, каде што присуствува на високите државни и културни манифестации по повод одбележувањето на јубилејната 70-годишнина од Унгарската револуција од 1956 година

To top