Македонија

Иванов гостин на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија

Историски втемелена приказна на истрајност, работа и достоинство, преку која македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, бил почесен гостин на промоцијата на Стратегијата за работа на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија за периодот 2026–2031 година.

На настанот, што се одржал синоќа во Нови Сад, во годината кога се одбележуваат 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, претседателот Иванов имал пригодно обраќање во кое ја истакнал важноста на институционалната грижа за зачувување на идентитетот, јазикот и културното наследство на македонската заедница во Република Србија.

Во своето обраќање, Претседателот Иванов го нагласил значењето на образованието на македонски јазик како клучен столб за зачувување на националниот идентитет, посочувајќи дека „преку можноста младите да учат и да се изразуваат на својот мајчин јазик, не се пренесува само знаење, туку и чувство на припадност, достоинство и самосвест“. Тој особено ја истакнал потребата од активна вклученост на младите генерации во институционалниот и општествениот живот на заедницата, оценувајќи дека нивната енергија, визија и лидерство се двигател на нејзиниот понатамошен развој.

Осврнувајќи се на јубилејот од 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, претседателот Иванов посочил дека станува збор за историски втемелена приказна на истрајност, работа и достоинство, преку која македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее. Во таа насока, тој упатил искрена благодарност за поддршката што ја даваат властите во Република Србија и Војводина оценувајќи ја како силна порака на почит и вреднување на македонската заедница во Србија.

Во говорот Иванов ја потенцирал улогата на македонската заедница во Република Србија, како и на српската заедница во Република Македонија, кои претставуваат жив мост на пријателство, разбирање и соработка меѓу двете држави, со посебно значење на културната, општествената и дипломатската соработка.

На промоцијата присуствувале министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Србија, Демо Берища, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчески, покраинската омбудсманка Драгана Ќориќ, директорот на Архивот на Војводина Небојша Кузмановиќ, како и претставници на Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства, претставници на Македонскиот национален совет и на македонската заедница во Република Србија.

Целите и програмските определби на Стратегијата детално ги образложиле претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, и секретарот Марјан Јованоски, кои се осврнаа на клучните приоритети, мерки и активности предвидени за наредниот период, по што со свои обраќања се обратил и амбасадорот Тупанчески, ресорниот министер Бериша, како и домаќинот на настанот, директорот на Архивот на Војводина Кузмановиќ.

За време на настанот, Претседателот Иванов остварил кратки средби со присутните претставници на државната власт на Република Србија, како и со претставници на покраинската власт на Војводина. Посебно значајни биле средбите со претставниците на македонската заедница во Војводина и со претседателството на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, на кои била изразена заедничка подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршката на активностите од интерес за македонската заедница, информираат од кабинетот на поранешниот претседател Иванов.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Битолчанка и Естонец измамиле стотици граѓани 

Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација и со ветување за наводни добивки навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа

To top