Македонија

Кекеновски: Наместо „решителен чекор“ Урсула Лаен повторува „сменете устав“ и „разговарајте со Софија“!

Посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен на Скопје требаше да биде повеќе од уште една протоколарна станица на нејзината балканска турнеја. Барем такви беа очекувањата што претходно беа создадени во јавноста. Нејзината посета не даде доволно јасен одговор. Лаен само повтори дека е потребен клучниот чекор поврзан со уставните измени.“ – нагласува универзитетскиот професор Јове Кекеновски во својата колумна со наслов „Фон дер Лаен: наместо „решителен чекор“ – „разговарајте со Софија“ .

Во колумната, која ја објави информативниот портал „Плус инфо“, покрај другото, Кекеновски натаму истакнува: Беше сосема логично да се очекува дека претседателката на Европската комисија во Скопје ќе пристигне со нешто поконкретно: политичка иницијатива, предлог-рамка за надминување на спорот со Бугарија, европско посредништво, патоказ, или барем појасна формула за тоа што следува доколку Македонија го исполни она што од неа веќе се бара. Наместо тоа, по посетата добивме порака која во својата суштина може да се сведе на: „Разговарајте со Софија“.

Но дали навистина тоа е „решителниот чекор“ што го очекувавме? Македонија и без посетата на претседателката на Европската комисија можеше да испрати дипломатска нота во Софија и да побара разговор. За таков чекор не е потребна интервенција од високото раководство на ЕУ. Она што можеше да се очекува од Брисел е нешто друго, а не само поттик за разговор, туку и рамка, во која тој разговор ќе се води и гаранција што ќе следува ако се постигне договор.

Фон дер Лаен повтори дека  е потребен клучниот чекор, поврзан со уставните измени. Но, што ќе се случи ако Македонија го исполни тој услов, а потоа од Софија пристигне нов? Што точно се затвора со уставните измени и што точно следува веднаш потоа? Дали ќе има  нови политички барања и условувања од бугарска страна? И најважно: каква одговорност презема ЕУ? Без одговор на овие прашања, формулацијата „продолжете со дијалог“ звучи студено бирократски како формула, што може да се употреби за секој спор, но не и како сериозен европски одговор на конкретен проблем, кој со години ја држи Македонија во место.

Зошто во македонско-бугарскиот случај историските и идентитетските прашања добиваат тежина, каква што тешко може да се најде во другите пристапни процеси. Легитимно е да се постави и институционалното прашање: како вториот Протокол, кој  кој не е меѓународен договор, усвоен во Собранието на РМ, добива толкава политичка тежина преку упатувањето на неговото спроведување во европската преговарачка рамка? Токму овде Европската комисија требаше да покаже многу поголема чувствителност кон принципите на правна сигурност, еднаквост на кандидатите и предвидливост на процесот.

Можеше ли посетата на Лајен да донесе повеќе? Таа не требаше да ни каже дека треба да разговараме со Софија. Тоа го знаеме одамна. Она што требаше да го слушнеме е: за што точно ќе разговараме, што ќе се смета за исполнето, што ќе следува потоа и кој ќе гарантира дека целта повторно нема да биде поместена. Дури тогаш дијалогот ќе престане да биде круг во кој постојано се враќаме на почетокот и ќе стане пат кон решение. Овој пат Урсула Фон дер Лаен не беше на висината на задачата. Од претседателката на Европската комисија очекував европско и одлучувачко решение, а добивме само европски совет повторно да тропнеме на вратата на Софија.

 

Целата колумна тука

Најнови вести од: Македонија

ЈСП губи патници: Дали во Скопје умира јавниот превоз и како да се зачува градската навика?!

Најголемиот недостаток во досегашните дискусии за јавниот превоз е што БРТ, лесното метро, градскиот воз и класичните автобуси често се третираат како одвоени решенија. Но, модерниот јавен превоз функционира токму спротивно – како мрежа во која различни видови транспорт се надополнуваат.

Ѓорге Иванов: Секоја генерација има своја борба, нашата е за подостоинствен живот во Македонија

Чествувањето на 23 Октомври во рамките на политичкиот дискурс во Македонија служи како инструмент за мобилизација на јавното мнение и потсетување на колективната меморија. Политичките елити го користат овој историски датум не само за оддавање почит кон жртвите од минатото, туку и за легитимирање на сопствените политички агенди поврзани со реформите, европските интеграции и заштитата на националните интереси.

To top