Македонија

Мицкоски: Има само една татковина, еден сон, една борба, една идеја: Македонија! Премалку сме да се делиме!

„Верувајте во нашата татковина. Не затоа што е совршена. Туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми. Туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа. Туку затоа што ние сме подготвени да ја заслужиме!“ – порача денеска премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“ на платото пред Владата на Република Македонија.

Триесет и петтата годишнина од независноста, нагласи Мицкоски, мора да биде пресвртна точка. „Денес, 35 години подоцна, нагласи, да не гледаме само назад кон патот што сме го изоделе, туку напред кон држава што допрва треба да ја изградиме – посилна, обединета, достоинствена, земја во која нашите деца ќе остануваат, ќе создаваат и ќе сонуваат, и во која секој човек ќе знае дека ова е неговиот дом.“ – рече премиерот.

Тој се осврна на постигнатите резултати и пропуштените можности и нагласи дека нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме. – Мора да успееме. Затоа што народот што со векови научил како да преживува сега мора да научи како да победува во мир, како да произведува знаење, како да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот, како да ги задржи своите најдобри деца дома и како од мала држава да создаде место со големи можности. Тоа е нашата нова историска борба – рече премиерот Мицкоски.

Упати порака за обединување и меѓусебна поддршка. – За сите има место и почит под ова небо и знаме. И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме!, посочи Мицкоски.

Нема, нагласи, да барам од оние што не се согласуваат со мене да почнат да мислат како мене. Ќе барам нешто многу поважно – кога станува збор за државата, да најдеме сила да застанеме еден до друг. – Држава на сите луѓе не треба да биде само политички концепт. Треба да биде наш општествен договор. Ветување едни кон други дека никој нема да биде помалку важен затоа што е различен, дека никој нема да биде оставен зад нас и дека државата ќе биде доволно голема за сите нејзини граѓани. Да им оставиме држава во која нема да наследат стари омрази, туку нови можности, порача Мицкоски.

Покажавме, оцени тој, оти можеме да победуваме и дека владата во тешки услови постигнува резултати. – Највисок раст на БДП од 4.3 проценти кој е еден од најдобрите во Европа. Инфлацијата која порано беше двоцифрена е под контрола. За првпат по подолг период имаме ситуација во која извозот расте побрзо отколку увозот. На тој начин се намалува дефицитот во трговската размена во првите седум месеци од годината, а тоа е особено изразено во јули, кој е прв месец од третиот квартал. И не велам дека се е идеално и дека се живее одлично. И ја разбирам секоја мака на граѓаните, но тука сме да работиме деноноќно за резултати и нашата иднина – посочи Мицкоски.

Свеченоста почна со церемонија на подигање на државното знаме и интонирање на химната од страна на Воениот оркестар. Претседателот на Владата пред почетокот на свеченоста го пречека претседателот на Собранието Африм Гаши а на одбележувањето присуствуваат министри, пратеници, претставници на институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници..

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top