Македонија

Муцунски: Патот на Македонија кон ЕУ да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата и минатото

Најголема желба на Македонија е нејзиниот пат кон Европската Унија и полноправното членство да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата или минатото, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција по Министерскиот состанок за Коридорот 8 во Софија, одговарајќи на новинарски прашања за очекувањата од денешната средба со неговата бугарска колешка, Велислава Петрова Чамова.

Муцунски истакна дека Македонија е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и дека, според досегашното искуство и резултатите, се докажала како одличен кандидат за членство.

Тој ја парафразираше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која, како што рече, при неодамнешната посета на Скопје ја пофалила работата на земјата во рамките на Реформската агенда, со помош од еврокомесарката за проширување Марта Кос и нејзиниот тим.
Тој нагласи дека Македонија очекува токму нејзините постигнувања и досегашниот резултат да бидат основа за оценувањето кога ЕУ ќе биде подготвена да донесе одлука за нејзиното членство.

Министерот додаде дека проширувањето отсекогаш било политичка одлука што ја носат земјите-членки со консензус, посочувајќи дека Македонија ќе продолжи одговорно и проактивно да работи на изнаоѓање решенија.

-Ние ќе го направиме нашиот дел. Ќе бидеме одговорни, ќе бидеме проактивни во изнаоѓањето решенија за прашањата, но решението никогаш не зависи исклучиво од нашата страна – рече Муцунски.

Тој порача дека Македонија во односите со соседите и со земјите-членки на ЕУ ќе продолжи да се раководи од добрата волја и почитувањето на меѓународното јавно право.

-Во сите наши односи со сите наши соседи и со сите земји членки во Европската Унија, секогаш ќе се однесуваме врз основа на добрата волја и почитувањето на меѓународното јавно право – истакна Муцунски.

Петрова Чамова оцени дека има напредок кај земјите од Западен Балкан во процесот на европската интеграција и изрази надеж дека тоа ќе се однесува на сите земји од регионот, вклучително и нашата земја. Таа нагласи дека секторската соработка е важна, но дека за напредок е потребна и континуирана политичка волја.

-Важно е да ја одржуваме секторската соработка, но таа е само еден елемент, и важно е политичката волја во оваа насока да продолжи да постои, за навистина во следните години да видиме развој и во оваа насока – рече Петрова Чамова.

Во однос на претстојната средба таа изјави дека ја гледа како нормален дел од билатералниот дијалог меѓу двете земји и посочи дека очекува довербата да се гради преку конкретни чекори и исполнување на преземените обврски.

-Ја доживувам оваа средба како нормален дел од билатералниот дијалог меѓу две земји. Што се однесува до градењето доверба, сметам дека најдобриот пристап за градење доверба е исполнувањето на преземените обврски – додаде таа.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, одговарајќи на прашањето за очекувањата од средбата, рече дека двајцата министри самите ќе ги соопштат по средбата, но нагласи дека за Европската комисија особено важно е градењето доверба и соработката во областите каде што тоа е можно. Според неа, токму таквата соработка може да ги отвори вратите за поширока соработка, а регионалната соработка и добрососедските односи се меѓу основите на Европската Унија.

-Многу е важно да се гради довербата. Ние сме на добар пат, а исто така сме на пат да соработуваме во областите каде што тоа е можно, и можеби тоа може да ни ги отвори вратите за поширока соработка – рече Кос.

Таа нагласи дека Коридорот 8 е пример за европскиот проект и за поврзувањето на земјите, посочувајќи дека Северна Македонија и Албанија се земји кандидати, Бугарија е земја членка, а мрежата на поврзаност може да се прошири и кон Романија, Грција, Италија и Косово.

Кос порача дека иако многу земји, како што вели, имаат заедничка историја, фокусот треба да биде на иднината и на она што може да се постигне заедно.

-Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме – истакна Кос.

Во однос на случајот со Ива Михајлова, Муцунски нагласи дека треба да се разграничат два аспекта – правниот процес и здравствената состојба. Во однос на правната постапка, тој посочи дека извршната власт не може да интервенира во одлуките на судските органи и оти прашањата поврзани со законитоста на притворот можат да се решаваат единствено во рамките на судскиот систем.

-Како земја кандидат, кога имате систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, тогаш не е улога на извршната власт да интервенира во видот на одлуките што ги носат судските органи – рече Муцунски.

Во однос на здравствениот аспект, тој посочи дека Михајлова, која има и македонско и бугарско државјанство, во Македонија има право на соодветна и современа здравствена заштита. Муцунски додаде дека, бидејќи прашањето претходно било отворено од бугарската страна, Македонија во добра волја понудила бугарски лекари да ја посетат земјата и да се уверат дека на обвинетото лице му се обезбедува соодветен здравствен третман.

-Ова го гледаме како гест на добра волја. Тоа не е наша обврска, но морам да зборувам многу отворено и директно, затоа што поради недостигот на доверба што постои меѓу владите, мора некаде да почнеме да ја градиме довербата – рече Муцунски.

Петрова Чамова оцени дека случајот со Михајлова е хуманитарен и оти за бугарската страна е важно тој да биде решен што е можно побрзо, со цел, вели, да биде гарантирано нејзиното здравје. Таа ја оцени како важен чекор информацијата добиена по дипломатски канали од земјава за подготвеноста да се одржи медицински конзилиум во кој ќе бидат вклучени и бугарски лекари.

-Станува збор за хуманитарен случај и важно е тоа да се истакне. Информацијата добиена по дипломатски канали од страна на Република Северна Македонија за подготвеноста да се одржи медицински конзилиум, во кој ќе бидат вклучени и бугарски лекари, е важен чекор и се надевам дека тоа ќе може да се реализира многу скоро – рече Петрова Чамова, пренесува МИА.

 

Најнови вести од: Македонија

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Бугарската држава за 80 години еволуираше во негативна насока — од држава која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, јазик и историја, денес во 2026 година практикува неоврховизам. Современа Софија користи административни блокирања во ЕУ и квази-историски патетики за да наметне асимилаторски наративи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил (како државотворен столб на средновековието) и Гоце Делчев (како идеолошки столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ) се двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање е и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Кос: Многу земји имаат заедничка историја – да се насочиме на иднината

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека „иако многу земји имаат заедничка историја, фокусот треба да биде на иднината и на она што може да го постигнат заедно“. „„Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме“, истакна Кос.

Муцунски за Ива Михаилова: Владата не се меша во судењето, бугарски лекари ќе можат да ѝ ја проценат здравствената состојба

Македонија е подготвена да овозможи посета на бугарски медицински специјалисти кои би се запознале со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михаилова, потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој посочи дека случајот има два одделни аспекти – судскиот процес и здравствената состојба на Михајлова.

Јаневска: Ги обучуваме наставниците за користење вештачка интелигенција, за да им помогнат на учениците да ја употребуваат правилно

Најуспешните наставници и училишта по 9-месечната обука за вештачка интелигенција добија сертификати. Министерството за образование и наука ги спроведе обуките во соработка со Brainster Next.

Пронајдени дрога и оружје кај жител на Глумово, Скопско, по што е лишен од слобода

Вчера, на 7 октомври 2026 година, околу 8 часот изутрината полициски службеници од од Единицата за недозволена трговија и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода М.М. (43) од селото Глумово, Скопско.

Најнови вести

To top