Пишува: Свето Тоевски
Значењето на Меје за македонската научна и национална афирмација
На светско ниво, неговото сведоштво има трајна историографска и лингвистичка вредност, затоа што е достапно во оригинално научно дело со значење како првокласна научна студија, која со текот на годините и децениите потоа се разработува и се цитира широко во меѓународната славистичка литература. Појасно кажано, ова претставува немерлив придонес на Меје кон европската и светска афирмација на постоењето на македонскиот јазик и неговите дијалекти, наспроти сите тогашни грчевити настојувања на Србите, Бугарите и Грците да го избришат мајчиниот јазик на македонскиот народ и него самиот од европската и светска мапа на народи и јазици.
Тука е особено значајно што Меје не ја засновува својата научна аргументација и одбрана врз македонски политички интереси. Тој ја изложува својата оценка како француски научник, во контекст на европската лингвистика од своето време. Токму тоа му дава посебна тежина како надворешно научно сведоштво, кое не може да се оспори, ниту да се урне по никоја основа и на никој начин.
Во време кога Македонија била предмет на жестоки национални и територијални претензии, еден од најугледните европски лингвисти јавно и недвосмислено запишал дека нејзините македонски говори не се ниту српски, ниту бугарски и оти не им припаѓаат по својата суштина на ниту една од двете групи, кои нив ги оспоруваат. Тоа не е мала констатација. Тоа е сериозно научно сведоштво против примитивното политичко присвојување на македонскиот јазичен простор, против шовинистичките негирања на елементарното постоење на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет на македонскиот народ.
Затоа делото на францускиот лингвист има трајно место во историјата на меѓународното научно проучување на македонскиот јазик. Меје треба да се вброи меѓу значајните странски европски научни авторитети, чии дела содржат рано, недвосмислено и аргументирано сведоштво за посебноста на македонскиот говорен простор во однос на српскиот и бугарскиот. Неговото име заслужува истакнато место во историјата на меѓународната научна афирмација на македонскиот јазик.
Професорот д-р Димитар Пандев во својот научен труд „Скици за историски портрет на македонскиот литературен јазик“, објавен во 2020 година, го поставува Антоан Меје во рамки на пошироката француска лингвистичка мисла, која го внела македонскиот јазик во европската лингвистика. „По првата светска војна македонскиот јазик беше идентификуван како самобитен јазик во француската лингвистика, во истражувањата на истакнатиот компаративист Антоан Меје, но и во продлабочените истражувања на Андре Вајан, Андре Мазон и Лисјен Тениер.“ – напомнува Панев во тој труд.
Македонистичкиот ангажман на Антоан Меје има и уште една една исклучително значајна димензија. Изнесувајќи научна анализа на неговите лингвистички и политички концепции, д-р Себастијан Море, професор и научен истражувач од Катедрата за словенски јазици на Универзитетот во Лозана, посочува дека „идеите на Меје се негова концепција за новата демократска Европа, во чиј развој јазиците имаат клучно значење“.
„Меје му доделува на јазикот улога како маркер (белег, означувач – л. заб.) на идентитетот. Тој го прифати принципот на самоопределување на народите и се спротивстави на нивното потчинување.“ – нагласува швајцарскиот експерт за идентитетот и историјата на словенските јазици Море во својата спомената студија од 2011 година, која има наслов „Триумфот на ‘демократските’ јазици: Антоан Меје и Новата Европа“.
Појасно кажано, Меје уште во 1918 година не само што го означи јазикот на Македонците како македонски, различен од бугарскиот, српскиот и кој било друг балкански и европски јазик, туку и го нареди покрај сите други европски јазици и народите, кои имаат право на самоопределување и на свој идентитет, без никој да ги потчинува. Уште во времето кога беше оспоруван и негиран, македонскиот јазик зазеде рамноправна позиција во концепцијата на Меје за новата демократска Европа, во чиј развој и тој има клучно значење!