Хроника

Обвинителството: Отворена истрага за загадувањето на водата во Гостивар, побаран притвор за тројца осомничени

За трите лица вработени на одговорни функции во ЈП „Комуналец“, осомничени за загадување на водата во гостиварскиот водовод, ќе се бара притвор, а во зависност од новите докази, истрагата ќе се прошири. Пред судијата на претходна постапка осомничените од 12 часот даваат искази по што ќе биде познато дали ќе им бидат определени мерки за обезбедување.

Oсновното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка и поднесе предлог за 30-дневен притвор против директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар и двајца раководители во претпријатието. Тие се сомничат дека преку нелегално поставување пумпи во преливната комора во село Вруток, предизвикале загадување на водата за пиење со која се снабдува Гостивар. Ова беше соопштено на денешниот брифинг во гостиварското Обвинителство, на кој присуствуваа државниот јавен обвинител Ненад Савески, шефицата на ОЈО Гостивар Елизабета Јосифовска и надлежните јавни обвинители кои постапуваат по предметот, Зура Селими и Хазби Исеини.

Надлежниот јавен обвинител Хазби Исеини појасни дека вчера е донесена наредба за истрага против трите лица, бидејќи постојат основани сомневања дека токму тие дале налози да се постават пумпите за да се зголеми притисокот во водоводниот систем за град Гостивар и околните села. Ние се одлучивме против можните сторители, фактички осомничените сега, да донесеме наредба за истрага за тешки дела против животната средина и природата, а делото сметаме дека е извршено во соизвршителство меѓу тројцата. Во текот на истрагата, денеска е поднесен и предлог за определување на мерка притвор за сите тројца за 30 дена, бидејќи сметаме дека во оваа фаза на постапката нема друг начин истите да се обезбедат – истакна обвинителот Хазби.

За ова квалифицирано кривично дело е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Првичните дејствија во предистражната постапка ги презела дежурната јавна обвинителка Зура Селими, по пријава од граѓани на 16 јули 2026 година. На лице место било утврдено дека во близина на преливната комора биле поставени три пумпи, од кои две биле во функција, кои внесувале непреработена вода од надворешен канал директно во системот за пиење.

На 16.7.2026 година од страна на МВР, ОВР Гостивар, ПС Гостивар, како дежурен јавен обвинител бев известена дека од страна на загрижени граѓани е пријавен настан дека во село Вруток, во водоводниот систем се пренесува вода однадвор, со што се загадува водата во водоводниот систем со кој се снабдува целиот град. Утврдено е дека пумпите се во функција и во моментот на извршување на увидот со истите пумпи се извршува внесување на вода од каналот со непреработена вода внатре во водоводната преливна комора – посочи Селими.

Според доказите на Обвинителството, пумпите за првпат биле поставени на 24 јуни, а ден подоцна биле правени проби. Анализите покажале присуство на фекални бактерии во водата, како и зголемено ниво на хлор кај крајните корисници, односно 1,1 милиграм на литар, при дозволени 0,2 до 0,5 милиграми на литар. Во водата земена од внатрешноста на каптажата биле детектирани 39 колиформни бактерии, иако според стандардите граничната вредност треба да биде нула.

На брифингот беше нагласено дека истрагата е во почетна фаза и ќе служи за да се утврди целосната вистина, вклучително и евентуалното поврзување на загадената вода со епидемијата и зголемениот број заболени граѓани. Во согласност со тоа што ќе го добиеме од сите институции, доколку биде утврдена каква било одговорност кај институциите, и кон нив ќе се прошири истрагата. Нормално е дека ние веќе имавме комуникација со болницата за состојбата. Доколку во кој било случај, кај кого било се јави каков било сомнеж, истиот сторител на кривични дела ќе биде опфатен со проширување на истрагата – беше посочено на брифингот.

На новинарско прашање за каков канал станува збор и дали во него се слева канализација, јавните обвинители појаснија дека не се работи за канализациски канал. Во однос на тоа колку долго функционирале пумпите и дали тие работеле континуирано дваесетина дена, од Обвинителството посочија дека тоа допрва прецизно ќе се утврдува, но има докази за нивно поставување кон крајот на јуни. Од тоа што досега го имаме како доказ, за првпат се поставени некаде на 24 јуни овие пумпи и на 25 јуни биле правени проби за нивото на притисокот на исти ваков начин. Очигледно е, не можеме со сигурност да тврдиме, но имаме основано сомневање дека биле во функција – посочи надлежниот јавен обвинител.

Прашан дали се истражува одговорноста на директорот на болницата кој со денови не ги известувал надлежните институции и покрај тоа што дневно се примале стотици пациенти со исти симптоми, од Обвинителството потенцираа дека истрагата нема да поштеди никого доколку се утврди вина. Се обидувам да го сфатам ова повеќе како забелешка за работата на директорот отколку како прашање, но на делот од прашањето ќе одговорам дека доколку се утврди одговорноста и кај него, истиот ќе биде опфатен. Значи, истрагата ќе ги опфати сите. Нормално е дека ние веќе имавме комуникација со болницата за состојбата – рече Исеини.

Пумпите во моментов се ставени надвор од функција и се обезбедува судска наредба за нивно демонтирање и одземање заради понатамошно вештачење. Од Обвинителството апелираа дека нивната надлежност е исклучиво кривично-правна, додека забраните за користење на водата се во домен на другите надлежни институции, кои веќе издале официјални соопштенија дека водата не е безбедна за употреба.

Најновата вест во овој контекст, која ја објави МИА, гласи: одреден е триесетдневен притвор за Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои се на раководни позиции во Гостиварското комунално претпријатие

Најнови вести од: Хроника

По невремето во скопски Карпош покрај повредената жена (86) пронајдена и експлозивна направа!

МВР информира дека синоќа во 20:25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Карпош паднало дрво и со тешка телесна повреда се здобила К.М.(86) од Скопје, по што била пренесена во Јавна здравствена установа „Св.Наум Охридски” за укажување на лекарска помош.

Во туѓо име подигнувал надомест за невработени

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ј.К.(52) од Саса,  Македонска Каменица, поради постоење основани сомнежи за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност” и против Б.К.(57) од Кочани за „поттикнување” во врска со „измама при добивање кредит или друга погодност”.

Жител (40) од Пробиштип подолго време им се заканувал на три жени и со употреба на електрошокови им изнудил 1800 евра!

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против 40-годишен жител на Пробиштип, поради сомнение дека сторил кривично дело „изнуда“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Најнови вести

To top