Македонија

По Ковид пандемијата, македонското општество се соочува со „епидемија“ на семејно насилство

Анализи на граѓанскиот сектор

По Ковид пандемијата, македонското општество се соочува со „епидемија“ на семејно насилство, вели претседателката на НВО „ЕХО“, Бети Пеева. Таа посочува дека за 11 месеци само во Штип се регистрирани три случаи на фемицид, а статистиката за насилство врз жени е уште позагрижувачка.

– Конкретно кај нас во организацијата, која веќе 23 години работи во оваа област, се пријавени од Штип и околината, а има и од источниот дел, вкупно 109 случаи на насилство врз жени и деца, односно, девојчиња и ова е навистина загрижувачки факт.

Ова е бројка само од овој дел, инаку „ЕХО“ работи и во Пелагонискиот и Југоисточниот регион и ако ги собереме и тие бројки, доаѓаме до некоја бројка од 180 случаи оваа година, а годината се уште не е завршена – изјави Пеева.

Таа додаде дека законската регулатива за заштита на жртвите на семејно насилство е солидна, постои и мултисекторска соработка, но понекогаш затајуваат институциите, односно се доцни со процедурите.

– Не само институциите се виновни за тоа, значи и самите жртви кои пријавуваат, поради трендот на економска зависност кој се зголемува од година во година, се премислуваат, се враќаат назад. Честопати пред да преземеме некоја постапка, тие се премислуваат и не сакаат да одат понатаму, рече Пеева.

Граѓанските организации кои работат на ова тематика веќе подолг временски период предлагаат промена на членот 130, став 2 од Кривичниот законик, односно насилникот да не се гони по предлог на жртвата, туку по службена должност.

– Жртвата се плаши од самиот сторител, дека доколку даде нејзина согласност за кривично гонење, во меѓувреме, додека да завршат процедурите и додека да се санкционира сторителот, може да се случат уште погрозоморни дела, посочува Пеева.

Според анализите на граѓанскиот сектор, во 2025-та година се бележи висок број пријавени случаи на семејно и родово базирано насилство, но се уште не постои единствен и транспарентен систем што ги следи предметите до обвинение и пресуда.

Изминатите денови во источниот регион се реализираа низа на работилници и средби во рамки на  кампањата 16 дена активизам против насилство врз жените.

Извор и Фото: МИА

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Годинава обезбедени 243 милиони евра за автопатите

Изградбата на автопатите не е одговорност само на Јавното претпријатие за државни патишта, туку на целата држава, со оглед на тоа што станува збор за капитални инвестиции од стратешко значење, изјави министерот

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

To top