Пишува: Свето Тоевски
Патеписот „Патни белешки и размислувања“, репортажите и песните на великиот Македонец Антон Попов се исполнети не само со неизмерна љубов кон Пирин и кон цела Македонија, туку и со дух на слободата и непокорот. Пред да биде стрелан заедно со Никола Вапцаров и уште четворица соборци на 23 јули 1942 година Попов во своето последно писмо остава моќен тестаментален завет до својот народ, кој сведочи за неговата чиста национална свест и подготвеност за саможртва во име на слободата: „Умирам за еден нов свет, којшто ќе огрее со толку светлина, со толку убавина, така што мојата жртва за него не е ништо. Умирам горд со името на мојот народ, за чие што добро работев до последниот миг, за чија што добра иднина умирам!“ Тој им остави на идните македонски поколенија должност со гордост да го чуваат македонското име, да работат за напредокот на својот народ и никогаш да не отстапуваат од борбата за подобра и посветла иднина на родната земја Македонија.
Во село Игуменец, Петричко, Пиринска Македонија, на 20 октомври 1915 година е роден Антон Попов.

Во педагошкото училиште во Самоков развива љубов кон читањето и книгата и тоа е негова прва и нераскинлива врска со напредната младина. Таму се граби воспитува на револуционерно сознание. Од тоа време датираат неговите први обиди во литературата. Двете учебни години, минати во Самоков, за него се време на идејно созревање. Комунистичките идеи го освојуваат и стануваат неговата животна определба. Во 1933 година дипломира и како учител на 10 септември стапува на својата прва работа во родното село Игуменец. Попов е постојано во движење, немирен и бунтовен дух, секогаш подготвен за нови акции. Во почетокот на 1936 година негова главна преокупација станува идејата за издавање лев општествено-политички весник во Петрич.
Тогаш во едно писмо имал напишано: „Работам на идејата за издавање македонски весник во Петрич. Кои се неговите цели и задачи? Весникот ќе има македонска напредна насока. Ќе настојуваме да ги групираме и да ги привлечеме сите напредни сили во поранешната Петричка општина и потоа со весникот да влијаеме врз општата состојба на македонското прашање.“ Весникот не бил одобрен од властите, поради изјаснетата македонска позиција на Попов. Во 1937 година доаѓа во Софија и воспоставува трајно пријателство со Никола Вапцаров и Михаил Сматракалев. Низ постојаните средби и разговори тие тројцата мислат што треба да направат и да се организираат како Македонци, да работат за татковината, да се оддадат на идеалите за нејзината слобода и иднина.

Токму меѓу нив се раѓа идејата за создавање Македонски литературен кружок во Софија. Се осмислуваат неговите цели и задачи, го издигнуваат лозунгот за создавање македонска литература, за која така вдахновено и оригинално зборува Вапцаров во својот реферат на неговото основачко собрание.

Тоа се случува во октомври 1938 година во Софија. По возбудливиот реферат на Вапцаров меѓу тројцата говорници е и Антон Попов, кој истакнува со одушевување дека треба веднаш да се почне со работа, да не се изгуби ниту миг од светото дело за својот народ и татковина. Наскоро во тричленото раководно тело на Кружокот влегува и Антон Попов како одговорен за организациските прашања. Токму во оваа организација, чии членови се исклучиво само Македонци, Попов најбргу и најмногу израснува во писател, новинар и публицист, комунистички активист и учесник во илегалната борба против фашистичкиот режим во Бугарија. Фашистичкиот терор секојдневно станува се пожесток.
На 24 април 1942 година во Софија полицијата го апси. Се протегнуваат недоброј деноноќија во затворските ќелии, со маки и страдања, сослушувања и тортури. На 25 јуни 1942 година судбината однови ги собира во иста ќелија Вапцаров и Попов. На 23 јули им е прочитана смртната пресуда на шестемина комунисти без право на жалба. Неговите последни зборови до најблиските утешуваат и порачуваат: „Умирам за еден нов свет, кој што ќе огрее со толку силна светлина, така што мојата жртва за него е ништо… Утешете се со тоа дека умирам за правдата. Утешете се со тоа дека ќе победат нашите идеи. Умирам горд со името на мојот народ, за чие добро работев до последниот миг, за чија добра иднина умирам.“
Пред конечноста на судбината ќе се одигра уште една драма. Во затворот, со сите адети и церемонии, ќе се изврши свадбата на Антон Попов со неговата сакана Росица Манолева. Тука се кумовите и сватовите, најблиските, тука е и смртта. Истиот ден околу 21 часот е стрелан на софиското гарнизонско стрелиште. Синевината од очите на младиот Пиринец како да се преселиле несетно во иднината на новите и слободни денови над Македонија. Во своите репортажи и патописи Попов пишува за својата татковина Македонија и за својот македонски народ: „… таа маченица-земја, тој маченик-народ, жив во својата борба, бодар за поинаква иднина, со живи копнежи и идеали…“
Зборувајќи за „границите на мојата татковина – од Шар до Егеј, до Родопите и Рила“, Попов го имал напишано и следното: „Ние сме на ничија, туку на македонска земја, низ солзи наша, скапа за нас со жртвите, кои ги зема борбата за слобода, со крв пролеана, триж посвидна станата со борбата на најсвидните чеда на мојот народ за нашата слобода, скапа за нас со едно големо и херојско минато, што го споило целиот народ во една борба, една судба, скапа за нас од црните спомени на една жестока и подла братоубиствена борба, станата скапа и непрежалена за сите прогонети од неа, кои што сонуваат родна стреа, родни ниви, родна реч; свидна во нашите занеси, во копнежите да ја видиме таа голема правда за таа разорена окрвавена земја, за тој претепан, поруган, понижен и обесправен народ – да биде слободен, да ни биде земјата слободна…“
Чувствува Попов и гласноговори „колку е силно подземното бучење на таа земја, како недоловливо бие пулсот на една борба, која утре ќе се овенча со мугрите на слободата…“ Неговите дела имаат огромно историско, културно и национално значење за Македонија и македонскиот народ, бидејќи тој е еден од клучните столбови на македонската национална мисла и самобитност во периодот меѓу двете светски војни. Како поет, публицист, новинар и револуционер, Попов, заедно со Никола Јонков Вапцаров, го поплочи патот за афирмација на македонскиот јазик, култура и посебност во исклучително тешки и сложени услови на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик.
Како непокорен и изјаснет син на Македонија Попов не стигна да ја заокружи ниту дваесет и седмата година од животот, да ја доживее сопствената младост, исправен пред смртта од куршумите на фашистичкиот режим на царборисовата Бугарија. За раскрилување во творештвото имаше само осум години: од првите творечки објави на страниците на „Работничкиот литературен фронт“ до смртта на тој јулски ден. Остави остави драгоцен фонд од стихови, раскази, есеи, репортажи, патописи, новинарски и публицистички текстови. Во нив ги остави и своето завештание и пораки до идните поколенија на Македонците. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија.