Македонија

Промоција на книга „Габреш и габрешени“ на Ристо Пејовски

Сведоштво за мачната судбина на Македонците во Егејска Македонија

Вечерва во културниот центар „Јадро“ ќе се одржи промоција на книгата „Габреш и Габрешени“ од авторот Ристо Пејовски.

Делото е монографија за родното место на Пејовски, селото Габреш од Костурско, Грција кое по Граѓанската војна во Грција (1946 – 1949 г.) е опустошено со само 46 фамилии, вкупно 132 жители, а денес е целосно преселено во новоизграденото село Корестија (Неос Икисмос).

Книгата е напишана 2004 г., а постхумно го издава издавачката куќа „Гаврош“ преку поддршка од семејството Пејовски. Проморот на книгата е професор д-р Александар Литовски.

Книгата „Габреш и габрешени“ дава живописни и детални описи за селото Габреш од неговото основање пред повеќе векови до неговата сегашна состојба. Најмногу со фокус на периодот на 20тите и 30тите години на 20тиот век, но и пошироко, таа дава етнографска слика за архитектурата, управувањето со селото, производните, трговски и земјоделски активности на селаните, како и нивната гастрономската култура.

Преку сеопфатни описи на свадбените обичаи, народните песни, детските игри, начинот на облекување и промена во облекување, надрилекарските пракси, одвивањето на полските работи, читателот може директно да навлезе во секојдневниот живот на габрешени и како тој се менува во текот на годината. Книгата служи и како историски извор за појавата и активноста на ВМРО меѓу габрешени, потоа за време на Метаксовата диктатура 1936 – 1941 г., антифашистичката борба 1941 – 1945, Конференцијата на СНОФ за Костурско, Граѓанската војна во Грција, како и делувањето на ДАГ.

Во книгата се дадени податоци за бројни габрешени и нивните семејства како жители на селото, како и според нивните животни патеки: како деца бегалци, интелектуалци, трговци, иселеници во странство, како и во Социјалистичка и потоа Република Македонија. Книгата исто така дава објаснувања за дијалектната лексика карактеристичка за костурско-корчанскиот говор.

Авторот Ристо Пејовски е роден 1921 г. во селото Габреш, Костурско, Грција. По завршувањето на основно училиште, учел гимназија во Костур, па Американско земјоделско училиште во Солун, а во ноември 1942 год. го продолжил школувањето во Гимназијата во Битола. По окупацијата на Грција, се ангажирал во антифашистичкиот отпор, поради што бил уапсен и поминал шест месеци во затвор. Во април 1942 г. започнал да соработува со партизанскиот одред предводен од брат му Наум Пејов и дејствувал во илегала. Со интензивирање на дејствијата на одредот „Лазо Трповски“ бил избран за секретар на младинската организација која броела шеесетина девојки и момчиња, а во ноември 1944 г. бил поставен за младински раководител на Четвртиот батаљон на Македонската ударна бригада.

По завршување на војната работел за безбедносните служби, а од 1955 г. преминал во Секретаријатот за внатрешни работи. Во 1955 г. се запишал на Правниот факултет во Скопје, а по дипломирањето бил и професор во Центарот за обука на кадри за внатрешни работи. Бил биран и за одборник на Општинското собрание на Кисела Вода и на Градското собрание на Скопје, а во 1971 бил делегат на Вториот конгрес на самоуправувачите на Југославија во Сараево каде одржал најотворен критички говор за општествените проблеми во Југославија.

За неговата работа и општествено-политичка активност бил одликуван со повеќе високи одликувања и признанија во поранешна Југославија, од кои и Орден за заслуги за народ со Златен венец. Бил оженет со Корнелија, родена Мракова, и самата учесничка во ДАГ, поетеса и писателка, со која имаат ќерки Лилјана и Софка и син Златко. Ристо Пејовски почина во Скопје на 24 ноември 2006 г. на 85 годишна возраст.

Најнови вести од: Македонија

Мирис на свадбарски купус, домашни специјалитети и есенска дружба: Утре „Есенско пазарче“ во Ново Село, Кумановско

Утре, 25 октомври, во Туршијара „Суперкиз“ во Ново Село посетителите ги очекуваат традиционални вкусови, настап на фолклорниот ансамбл „СРМА“, детски активности и работилница за компост. Пазарчето започнува во 10:30 часот.

Милошоски: Македонија е добро позиционирана и кон САД, но и кон ЕУ

Македонија може да води избалансирана и стратешки усогласена надворешна политика, која ќе овозможи истовремено продлабочување на стратешкото партнерство со САД преку дијалогот за стратешко партнерство како и зајакнување на политичките и економските врски со европските партнери

To top