Македонија

Во Гари отворена спомен соба на легендарниот копаничар Петре Филиповски – Гарка

Споменот на легендарниот Македонец, покрај емотивна доби и физичка форма

„Од твоето Гари до Света Гора! Ни остави наследство и тежок товар — да го чуваме наследството создадено од тебе, да не паднеш во заборав и некои други да не те присвојат! Горди сме што сме твои.“

Овие реченици вечерва ги изговорија наследниците – гарчани на свеченото отворање на спомен-собата на големиот македонски копаничар Петре Филиповски – Гарката, роден токму во Гари, од каде што тргнал да ги живописува црквите ширум Балканот.

За гарчани важи правилото: каде и да си, за Голема Богородица во Гари да си!

Токму затоа, во предвечерјето на големиот христијански празник, неколкумина вљубеници во Гари, како аманет од нивните предци — татковци, дедовци и прадедовци — смогнаа сили да ја создадат спомен-собата за големиот копаничар Гарката.


Собата изобилува со битови елементи: од мала масичка и троножни столчиња за седење, до голем број предмети што биле дел од една куќа во Мијачијата. На другиот крај од собата т.н. работен дел — исклучително важно е да се спомене — доминира импозантна слика од копаничарот, дело на академската сликарка Виолета Сиљан Македонска.

Значаен детаљ е што во работниот дел гарчани се потрудиле да пронајдат и постават копаничарска маса со две менгемиња, стара повеќе од 100 години. Во две посебни витрини сместени се алатите што ги користеле копаничарите за работа, како и библиотека од стотина книги со теми од копаничарството, веронауката, македонскиот јазик и културата.

,,Можеби најголемата вредност на Петре Гарката е тоа што тој никогаш не го заборавил својот корен. Од едно мало село, Гари, тргнал мајстор чии дела останале во најзначајните православни храмови и манастири. Неговата тајфа работела на иконостасот во манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, на прочуениот иконостас во црквата „Свети Спас“ во Скопје, на делата во Призрен, а своето врвно монументално остварување го оставила во манастирот „Свети Јован Бигорски“ — рече пред присутните Стево Лазаревски, претседател на МЗ Гари.

Подготовката на спомен-собата за Петре Филиповски – Гарката траела повеќе од една година.

Вложени се средства преку донации, а свој придонес и помош дадоа и дебарско-кичевскиот владика г. Георгиј со импозантна резба, негови авторски книги и совети, како и професорот Ратомир Гроздановски, кој подари свои авторски дела. Книги донираа и Институтот за македонски јазик, издавачката куќа „Матица“ и МАНУ, од каде што гарчани добија несебична поддршка за реализација на целиот проект.

,,Идејата ја имавме одамна и моравме да ја реализираме. Мило ми е што по повеќе од една година огромен труд оставаме нешто за идните генерации, кои преку оваа спомен-соба ќе можат да научат нешто ново и поинакво од она што го нуди секојдневието. На нашите идни поколенија им останува да го негуваат споменот за големината и креативноста на Гарката, грижејќи се за оваа спомен-соба која ќе биде отворена за секој добронамерник”, изјави Горан Ристески, еден од иницијаторите за спомен-собата.
Спомен-собата за великанот Петре Филиповски – Гарката беше свечено отворена.

Сега гарчани ги чекаат Мајовци, кои со своите зурли и тапани ќе ја развејат вековната традиција пред Голема Богородица — да се соберат на среде село, да се видат, да помуабетат и да го развиорат орото.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова: Без слободни медиуми нема информирани граѓани, а без тоа демократијата ризикува да се претвори во празна форма

Новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора да ја преиспитува секоја форма на моќ, порача денеска претседателката на Македонија

Костадиновски: Изградбата на правна држава во која владеат правото, правдата и еднаквоста е обврска на секоја генерација

Да бидеме генерација која со своите дела ќе ја потврди својата верност кон Уставот и ќе придонесе за изградба на слободна, демократска и просперитетна држава“, се додава во честитката од претседателот Костадиновски до сите граѓани по повод Денот на Уставот“

Панел-дискусии во Собранието на Република Македонија

Поздравни обраќања ќе имаат претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, директорот на Државниот архив на Република Македонија, м-р Димитар Богески и директорот на ЈНУ Институт за национална историја, проф. д-р Митко Панов.

To top