Пишува: Свето Тоевски
Студијата на Лант за „појавата на индивидуалната македонска националност со својот засебен јазик“

Во својот научен труд „За македонската националност“ („On Macedonian Nationality“) објавен во 1986 година, Лант ја анализира „појавата на индивидуалната македонска националност со својот засебен јазик“ (the emergence of an individual Macedonian nationality, with its own separate language.”.
Лант е еден од водечките светски македонисти, кој ја „бетонира“ вистината за самобитноста на македонскиот јазик со многу научни аргументи. Тој воспостави реска разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Американскиот научник целосно ги поби уште пред седум децении сите негаторски тези дека македонскиот јазик некој по своја „милост“ го измислил во 1944/1945 година, како што тврдат денес бугарските политичари и лингвисти низ Европа. Во овој контекст во научен труд со наслов „За македонската националност“ („On Macedonian Nationality“) објавен во 1986 година, Лант ја анализира, како што нагласува, „појавата на индивидуалната македонска националност со својот засебен јазик“ (the emergence of an individual Macedonian nationality, with its own separate language.”).

Едно од неговите научни дела со најголема важност за македонскиот јазик и народ е, без сомневање, неговата „Граматика на македонскиот литературен јазик“ од 1952 година. „Македонскиот јазик, како и повеќето книжевни јазици, содржи елементи од неколку регионални дијалекти, но не е идентичен со ниеден еден поединечен дијалект. Специфичната комбинација на фонемски, морфолошки или синтаксички одлики, кои ги има системот на македонскиот јазик, го дефинира како како различен од системите на сите други словенски јазици. Македонската нагласка е единствена и претставува клучна одлика, што го издвојува македонскиот од бугарскиот јазик.“ – ова се најважните, најударни лингвистички аргументи, кои ги изнесува Лант во својата „Граматика“ за јазикот, што го говорат Македонците.
„Македонската граматика“ на Лант од 1952 година го разгоре гневот на бугарските националисти и шовинисти
Тогаш ги збесна Бугарите ова граматичко дело, именувано како „Граматика на македонскиот книжевен јазик“, а не како „Граматика на бугарскиот книжевен јазик“, со сите претходно споменати констатации за единственоста на македонскиот јазик и неговата засебност во однос на бугарскиот јазик.

Лант со својата „Македонска граматика“ го разгоре гневот на бугарските националисти, кои го сметаа македонскиот јазик како „западен дијалект на бугарскиот јазик“. Еден бугарски весник, кој ги осудуваше југословенските јазични политики и остро ги критикуваше сите обиди за стандардизација на веќе постојниот македонски јазик, имаше напишано дека „Југословените биле принудени да увезат шпион, за да го создадат македонскиот јазик!“ Лантовите македонистички истражувања и научни студии беа означени како „лантизам“ и „антибугарска напаст“!

Во научниот труд „Некои социолингвистички аспекти на македонскиот и бугарскиот јазик“ од 1984 година американскиот научник истакнува дека сите тези, со кои се негира постоењето на македонскиот јазик како засебен јазик се чиста политичка пропаганда и се научно неодржливи. Според Лант, постојат јасни и структурни разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик поради нив. Значи, кажано со речникот на американскиот харвардовец, иницијативата на Костадинов е чиста политичка пропаганда, која нема никаква научна одржливост. Но, за каква политичка пропаганда би можело да се работи во случајот на Костадинов во овој случај кога тој се дрзнува повторно да посегне по столбот на македонскиот национален идентитет, да го прогласува како бугарски јазик?!
Дали со „иницијативата да се прогласи македонскиот јазик како бугарски јазик“ Костадинов, всушност, ја започна предизборната кампања како кандидат за нов претседател на Бугарија – врз грбот на Македонците и нивниот македонски јазик?!
За 25 октомври 2026 година е закажан првиот круг од изборите за нов претседател на Бугарија, откако дотогашниот претседател Румен Радев, а сегашен премиер, кој во јануари годинава поднесе оставка. Минатиот месец, во август повеќе бугарски медиуми објавија дека се очекува на претседателските избори да учествува „традиционално и партијата ‘Преродба’ со својот лидер Костадинов“. На 6 август 2026 година „Медиапул“ објави ваква вест. До овој момент сѐ уште нема лична и јавна изјава на Костадинов дека ќе се кандидира за нов шеф на бугарската држава, ниту неговата партија веќе формално го регистрирала како свој претседателски кандидат.

Но, се наметнува силна дилема: дали овој бугарски политичар можеби веќе започна вчера, на 11 септември, со своја неофицијална, иако непрогласена предизборна кампања како претстоен учесник во трката за нов претседател на Бугарија, со тоа што во нејзиниот парламент тој ги повтори 150-годишните великобугарски тези дека мајчиниот јазик на македонскиот народ е бугарски јазик?! Во наредните денови и седмици останува да го видиме одговорот на оваа дилема.

На Костадинов не му е првпат од бугарската парламентарната говорница да ги застапува своите ставови на негирање на македонскиот јазик: тој и од порано тврди дека „македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик“ и оти „македонските говори се дел од бугарското јазично подрачје“. Којзнае, ако не му успее на лидерот на „Преродба“ да стане ниту претседател на Бугарија, ниту потпретседател, зашто и ова ќе се избира, тогаш му преостанува да поднесе иницијатива и во Бугарската академија на науки (БАН) да биде прогласен како „научен преродбеник“ поврзано со македонскиот јазик, согласно со името на партијата Преродба, на која ѝ е лидер! Тогаш ќе има соодветно висока позиција, од БАН, да ги пласира своите смешни и глупави „преродбеничко-бугарски погледи“ за македонскиот јазик.
Лант: „Корените на македонскиот јазичен индивидуалитет датираат од најстарите ракописи“!
Но, да продолжиме со острите оценки од Хорас Лант за сите обиди да се побугари македонскиот јазик. Во истиот труд „Некои социолингвистички аспекти на македонскиот и бугарскиот јазик“ тој аргументира дека македонската јазична индивидуалност има корени уште во најстарите ракописи на македонски јазик. „Тврдам дека корените на македонскиот јазичен индивидуалитет датираат од најстарите ракописи и не гледам причина таквите древни дијалекти да не се нарекуваат македонски.“ – ќе каже категорично Лант.

Кои се тие најстари македонски ракописи, што ги споменува американскиот славист? Најстариот македонски ракопис на македонски јазик, кој е дел од македонската средновековна ракописна традиција, е Зографското евангелие. Тоа потекнува од крајот на 10-иот и почетокот на 11 век. Ракописите од 10-11 век се пишувани на старословенски / староцрковнословенски јазик. Зографското евангелие, произлезено од Охридската книжевна школа, е пишан споменик на македонската јазична самобитност, кој ја содржи македонската редакција на старословенски / староцрковнословенски јазик. Што ќе рече, тоа евангелие е пишувано на македонската варијанта на тој старословенски и црковнословенски јазик.
Нека појдат и Костадин Костадинов и сите други негатори на македонскиот народ и македонскиот јазик во „Смитсонијан Националниот музеј“ („Smithsonian National Museum“) во Вашингтон. Таму ќе можат да прочитаат во неговата каталогизација дека Зографското евангелие се наведува како „Македонија, доцен десетти – единаесетти век“ („Macedonia, late tenth-eleventh century“’, не како „Бугарија, доцен десетти – единаесетти век“. Што значи, оваа светски позната музејска институција го означува тој јазичен документ како македонски јазичен ракопис, а не како ракопис на бугарски јазик, од Бугарија! Ракописот, пронајден во Зографскиот манастир на Света Гора во 1843 година, денес се чува во Националната библиотека на Русија во Санкт Петербург.
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна лингвистичко-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)