Македонската дијаспора од Европа револтирана од „т.н. премиер Заев“

Координативното тело на македонската дијаспора во Европа преку јавно обраќање го осуди „самоволието на т.н. премиер Заев“ и го повика македонскиот народ на „бојкот на институциите, општа непослушност и блокада“, нудејќи помош за тоа.

„Македонската дијаспора во Европа е револтирана од самоволието на таканаречениот премиер Заев.

Понижувачки е и несфатливо судбината на цел еден народ, неговото милениумско постоење, да заврши со еден телефонски разговор“, се вели во соопштението. „Овој најнов егзибиционистички потег на Заев го сметаме како директно објавување на војна кон македонскиот народ и Република Македонија. Македонскиот народ има право да знае за што се преговара зад неговиот грб и кој тоа се дрзнува да решава во име на неговите предци, но и на идните генерации“.

Македонските иселеници во европските земји директно му се обратија на македонскиот народ.

„Со оглед дека досегашните повици, писма и протести беа занемарени од оваа ненародна влада, која си продолжи со распродажба на националнитe интереси, македонската дијаспора од Европа преку своето Координативно тело презема конкретни чекори за спас на Република Македонија. Бараме од македонскиот народ да ги бојкотира сите институции во Р. Македонија, општа непослушност и блокада. Нудиме секаков вид на помош за реализирање на овие дејствија.

Македонската дијаспора ќе продолжи со барања за меѓународна правна разврска на овој случај.

Заев треба да знае дека кога тогаш ќе ја истераме правдата, а тој лично, како и неговите соработници, ќе одговараат за ова понижување на цел еден народ.

Македонецот е неуништив, го знаеш тоа Заев?

Ќе се потрудиме да го дознаеш и да служиш како пример на секој што во иднина ќе се дрзне да тргува со македонските национални интереси!!!“, порачуваат од Координативното тело на македонската дијаспора во Европа.