Еден од најпрестижните универзитети во светот „Колумбија“, на својот официјален сајт го објави случајот во кој судијката Добрила Кацарска противуставно ги казни адвокатите во случајот за 27 април со високи парични казни во вредност од илјадници евра и ги отстрани од судењето, со што обвинетите ги остави без бранители.

Случајот е објавен во делот за Глобалната слобода на изразување, на официјалниот сајт на Универзитетот Колумбија. Таму е образложена со факти одлуката на Уставниот суд на Република Македонија да ги поништи казните изречени до Кацарска од 1.000 евра за сите адвокати, односно намалените казни од 500 евра од страна на Апелациониот суд.

Судијката Кацарска на рочиштето на 16 октомври 2018 на кое се сослушуваше т.н. „загрозен сведок“, а кое поради технички причини беше преместено во просториите на стариот Кривичен суд Скопје 1, со жестоки казни реши „да ги дисциплинира“ адвокатите кои стоејќи во судницата протестираа за нечовечките услови во просторијата претесна да овозможи нормално следење на постапката и работа на адвокатите во таков важен случај, особено во услови кога се сослушува исказ на т.н. „загрозен сведок“.

Поради несоодветните услови за работа на адвокатите и немање на биро пред себе на кое ќе може да ги запишуваат кажаните тези од „загрозениот сведок“ во малата сала, тие побараа одложување на рочиштето се до поправка на опремата во новиот објект на Кривичниот суд, што беше неприфатливо од неразбирливи причини за судијката Кацарска.

Двајца од казнетите адвокати, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, поднесоа претставка до Уставниот суд против решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд.

Уставниот суд во септември годинава ги поништи решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд со кои парично беа казнети адвокатите во случајот за 27 април.

„На адвокатите им е повредено уставното право на „слобода на мислата и на јавното изразување на мислата“, оцени Уставниот суд.

Извор: Република

SHARE