Македонски камионџија шокиран од тројца слепи патници во Австрија

Возач на камион од Македонија вчера бил изненаден додека го растоварал своето возило во западниот дел на австриската покраина Штаерска, при што кога ја отворил приколката тројца млади луѓе одеднаш скокнале од неа и се дале во бегство.

Полицијата организирала потера и тројцата конечно биле откриени во околината на трговски центар.

Четириесетгодишниот камионџија сакал да го испразни возилото во фирма од Ланах, во округот Дојчландсберг, кога од него скокнале тројцата мажи на возраст од 21, 23 и 28 години. Тие тргнале од Бангладеш и преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија стигнале до Австрија. Во камионот биле со денови и рекле дека сакаат да одат за Франција. Немале документи со нив и биле одведени во полициски притвор во Грац.

Понатамошната постапка ја води Федералната канцеларија за странци и азил (БФА).