Македонски народ, македонски јазик, македонски идентитет – Гордана Силјановска Давкова

Пред многу години, ме стаписа прашањето на еден колега од Шпанија, среде Советот на Европа: Има ли македонски јазик, Гордана?

Инстинктивно одговорив: Не, ние Македонците се служиме со говорот на телото! Се разбира, јас се извинив за напрасната реакција, а колегата за неумесното прашање, односно неинформираноста.

Пред неколку години, ме стопли коментарот на непознат слушател на бурниот, драмски дијалог мегу мене и Мимоза низ ходниците на Советот на Европа: на кој јазик зборувате, не праша господинот кој излезе од една од салите.

На македонски , одговоривме.

Прекрасно звучи, како мелодија е, коментираше тој, претставувајки се како експерт кој претседава со меѓународната конференција за јазиците.

Пресреќна, се вратив во мислите во далечното осмо одделение, кога како првенка на “Јан Амос Коменски”, со Павлина и други најдобри ученици од Македонија, заминавме на наградно летување во малиот Шмихел, кај Ново Место во Словенија, на дружба со првенци од другите републики.

Сите ученички делегации организираа приредби, па и ние: Свиревме, пеевме, рецитиравме. Јас ја водев нашата приредба. Екипа на словенечката телевизија ги следеше сите. По селекцијата, беше направена програмата за финалната приредба, онаа на Рошко Кочевје.

И… се изненадив кога режисерот соопшти дека организаторот одлучил јас да ја водам на македонски јазик, како еден од трите службени јазици во Југославија. Се разбира, мојата среќа немаше крај, а верувале или не, дури и денеска помнам што сум зборувала.

Веќе и не знам колку години изминаа, ама не ми се верува дека ова што го гледам и слушам од некои домаќини и “вратари” на Бриселската ЕУ порта, навистина се случува.

“Преспанците” не убедуваа(т) дека сме го забетонирале македонскиот идентитет, ама како лоши “неимари” се покажаа.

Како да разградуваа, наместо да градат.

Премиерот, прогласувајќи го македонскиот народ за најголем балкански “историски крадец”, ги охрабри “ограбените” во засиленото оспорување на името, јазикот, нацијата, црквата, ИДЕНТИТЕТОТ.

Како да се врати трагичното балканско минато, како да воскресна лошиот дух од 1912-1913, но и од 1941-1944. Тажно е кога тоа се прави во името на евроинтеграцијата и добросооседските односи. Не е добрососедство да условувате и уценувате, наместо да подржувате.

Ние, Македонците, не сме поинакви од другите.

Ако нацијата е имагинарна заедница, имагинарноста не важи само за нас, ами за сите нации. Ако тие настанале во 19 И 20 век, тогаш и ние се вклопуваме во оваа тенденција.

Се разбира, немало републики, ниту нации во антиката, ниту антиката е само хеленска. Но, право на модерна Грција, врзано за самоопределувањето и самоидентификацијата е да има две имиња и да се нарекува и Хеленска република.

Наше право е да бидеме македонски народ, да се идентификуваме како македонска нација, да се гордееме со македонската историја И култура, да го негуваме прекрасниот македонски јазик на кој пишувале и пееле славни писатели и поети, се образувале многу генерации, со страст го учеле немакедонци, јазични експерти тврделе и тврдат дека е посебен, милозвучен и мелодичен, дека пее и се смее кога се говори.

Никој, заради ниту една цел, без оглед со каков ореол е закитена, нема право да не обезнародува, обезличува и обезименува.

Немало друга модерна македонска нација, македонска држава, ниту друг македонски јазик! Секој народ има право на историја по свое, па и ние.