Македонски народни лаги – пишува Драган Милосављевиќ

Отсекогаш било така, едни лажат а други им веруваат. Трети сомничаво вртат со главите како со детски газиња врз песокот на плажите и чекаат да дојде нивното време за лажење.

Во Македонија лажењето е национален спорт број еден, пред ракометот и кошарката, па можеби затоа и не е чудно што за многумина лицето Б.Ц и Љубчо со Б се поголеми легенди од Кире Лазаров и Перо Антиќ.

Лажат и подлажуваат сите, секојдневно, постојано, упорно, некој повеќе, некој помалку но убедливо најмногу лажат токму оние кои велат дека само тие ја зборуваат вистината.

Лажат децата, опасно многу лажат тинејџерите, лажат старците кои раскажуваат за својата бурна младост, лажат мажите за своите љубовни успеси, лажат жените кога велат дека ништо не им е јасно, лажат просјаците на семафорите, лажат продавачките во моловите, лажат во вестите, без страв од Бога лажат во црквите и џамиите, лажат на пазарчињата, едни лажат за да им помине весело денот, други за да преживеат, а трети затоа што ништо друго и не знаат да прават.

Меѓу толкуте лаги вистината се протнува тешко како сончев зрак во тврд средновекоевн замок, се тетерави облечена во партали, крвава, претепана, измачена и збунета.

Сите ја избегнуваат бидејќи е непријатна и ужасно боли, но кога тогаш еден по еден се соочуваме со неа, а во болката од нејзиниот поглед сепак чувствуваме некакво ослободување, некаков преднзак за надеж, мал доказ дека не сме го изгубиле човекот во себе додека заслепени од лакомост и страв сме талкале низ бучниот ходник на шарените измами и илузии.

Но добро. Светот се врти брзо, а времето е пари и ретко кој има трпение и желба да се соочува со старата госпоѓа прерано, освен ако не го натераат нуждата и очајот.

Во тој вртлог од залажувања и самозалажаувања постои и нешто кое се нарекува државна лага, иако стои на достоинственото место во пантеонот на вредностите над златната плочка на која пишува „Државна вистина“.

Кај поголемите нации државната лага се распространува врз вековите и станува национално богатство кое генерациите го добиваат на раѓање и како такво си го носат со себе и на оној свет.

Борбите за слобода, големите херои и пролеаната крв вријат во душите на луѓето, а сенките на основачите на републиката или монархијата бдеат од секоја зграда, од секој споменик, од секоја книга за да ги потсетат граѓаните на кого треба да му бидат благодарни за тоа што го имаат.

Кај малите нации знае да биде и поинаку. Промените на власта речиси по правило значат поништување на придобивките од она што го направиле претходниците, а нова лага ја заменува старата.

На кого да му веруваме? Кој мами, а кој располага со факти? Дали е Александар наш или грчки? Дали е Гоце наш или е бугарски? Ченто бил комунист или националист? Зошто настрадал Брашнаров, заради Македонија или заради Коминтерната? Зошто го набиле на колец Карпош? Кој сакаше да ја напушти СФРЈ, а кој сакаше да остане во неа? Кој беше во право и зошто загинаа нашите војници и полицајци во 2001? ОВК се терористи или херои?

Еве, се покажува дека Владата може и со две комисии да одреди дека ништо не е така како што мислевме дека било.

Како што претходната влада со едноставна промена во учебниците и со реклами на телевизија се обиде да ги увери сите дека претходно 70 години биле намерно и злобно манипулирани.

Децата веќе немаат поим што учат и до кога ќе трае некоја вистина во нивните учебници. Народот се прашува каква држава има и на што се темели кутрата, кога ниту името не знаевме да и го сочуваме.

Премиерот и неговите министри гордо се плашат да кажат се нешто за да не го навлечат гневот на оние кои гордо ги предупредуваат да се држат до Договорите и преземените обврски.

Интелектуалците молчат, а кога ќе се решат да отворат уста тогаш зборуваат во обланди, затскривајќи се зад празни реченици и глупави формули.

Обичниот човек, настрана сиромаштијата и бедата, е збунет, не знае каде да гледа, за што да се фати, на кого да се потпре. Тие што бегаат надвор не се враќаат, тие што остануваат се обидуваат да ги затворат очите и да ги затнат ушите небаре така може да се заштитат од духовната пропаст која во бранови надоаѓа од сите страни.

И на сето тоа владиниот ПиАр ем хистерично ем гордо и достоинствено објавува дека има намера да воведе монопол врз вистината. На збунетите и очајните со уредба ќе им одредува што е точно а што не е. Мисли дека на таков начин ќе ги спречи оправданите и бројни критики за сите неуспеси, се надева дека така ќе воведе ред и работникот одеднаш ќе почне да верува дека навистина има поголема плата, пензионерот веднаш ќе се израдува на фино зголемената пензија, а младоста ќе остане дома затоа што ќе знае дека без разлика дали живееш во Скопје, дали во Берлин или во Амстердам исто ти се фаќа, секаде е еднакво убаво.

Тие што ќе речат, напишат или нацртаат дека е поинаку секако лажат, а ако ја повторуваат упорно својата лага тогаш што? Ќе ги обесиме на плоштад? Ќе ги натераме да си заминат по патот со облаците? Или ќе ги решетаме со казни и глоби па ако можат нека издржат? Нема да може.

Лажат сите тоа е точно, некој лаже малку, некој многу но никој нема монопол врз вистината, а како што велат северните соседи „ничија није горела до зоре“.

Ако овој обид за монополизирање на вистината пројде, некоја друга власт ќе сака да воведе некој свој монопол кој ќе го чува и брани уште поупорно отколку оваа, а потоа некоја трета ќе продолжи и се така во недоглед.

И на крајот, некоја десета ќе мора самата себеси да се убедува во исправноста на своите монополи, бидејќи нема да остане никој друг за да и поверува, живите ќе избегаат од прв до последен а на мртвите и онака им е сеедно што им зборуваш.

Драган Милосављевиќ

SHARE