Македонскиот дел од комисијата признал дека Самоил е бугарски цар?!

Иван Илчев од бугарскиот дел на заедничката комисија со Македонија за историски и образовни прашања открива дека македонските колеги признале оти царот Самоил е бугарски владетел.

„Постигнавме компромис за цар Самоил – македонската страна призна дека тој припаѓа на бугарската владетелска традиција и е владетел на Бугарија, во која во тоа време влегува и современа Македонија“, изјави Илчев за бугарскиот весник „Труд“.

Историчарот ја објасни и одлуката за заедничко одбележување на годишнината Григор Прличев, „за кој во аргументацијата се вели дека тој е бугарски учител, како и дека тој со своето творештво стои во основата на културата на современа Македонија“. Спор избил за некои од имињата на тракиските племиња, прецизира Илчев.

Поранешниот ректор на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ се осврна и на македонскиот јазик, за кој бурно реагира вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

„Во последните 50-60 години во јазикот што се зборува во Македонија, за жал, настанаа многу промени. Во речникот влегоа значително многу србизми, а многу бугарски зборови се заменети со странски само и само јазикот да биде оддалечен од бугарскиот. Во 1945 година во Македонија во пракса создаваат нов македонски правопис и нов јазик, со цел да биде максимално оддалечен од бугарскиот. Тој е вештачки создаден со цел, едноставно, да се оддалечи од бугарскиот јазик“, изјави Илчев.

Според него, повеќе од сто години во Македонија упорно се наметнува антибугарско расположение и „има цели генерации граѓани на Македонија кои се воспитувани со легенди и со митови и кои исклучително тешко е да се променат“.

 

SHARE

Оставете коментар