Среде битката за спас на клубот, македонскиот фудбалски првак Вардар наполни 73 години

На денешен ден пред 73 години, со спојувањето на скопските фудбалски клубови Победа и Македонија, во киното „Вардар“ е основан истоимениот актуелен македонски шампион и најтрофеен колектив со 11 титули и пет пехари од Купот на Македонија.

Првакот на СФР Југославија од 1987 година и освојувач на Купот на некогашната држава во 1961 година во недовршеното првенство на Македонија поради коронавирусот беше прогласен за шампион како убедливо прв на табелата до прекинот, но повторно не доби лиценца за настап во квалификациите за Лигата на шампионите поради финансиски причини.

Пред неколку дена фудбалерите добија одврзани раце за да ја променат клупската средина, а поради опасноста од згаснување на клубот навивачката група „Комити“ најави протестен марш, но го одложи.

„Во наредните неколку денови до крајот на претстојната недела ќе се решава судбината на ФК Вардар. Пристигнаа до нас сите апели за спас на клубот од сите на кои Вардар им е при срцето и не може, и покрај целата ситуација, да не ни е драго и да не сме горди затоа што зад Вардар застануваат многу луѓе и институции, дури и оние од кои можеби и не очекуваме“, соопштија „Комити“.

„ГО ОДЛОЖУВАМЕ МАРШОТ, затоа што даваме шанса. Затоа што ја фокусираме цела енергија и љубов за Вардар, за и новите генерации ја почувствуваат енергијата која само Вардар му ја дава на Скопје, за Македонија која Вардар ја воздигнува и слави заедно со славата своја. Вардар мора да живее!“, се додава во обраќањето до јавноста на навивачите на „црвено-црните“.

SHARE