Нашла кого да предложи Уидад Бушамауи за Нобелова награда за мир. Се потегнала добитничката на ова признание во 2015 година дури од Африка до Македонија за да го номинира – Зоран Заев?! За Алексис Ципрас нека му мислат Грците, ама за овдешниов кандидат Тунижанкава ич не морала да тргнува за Скопје. Барем малку да се информирала за грчкиот проблем со името на македонската држава и со идентитетот на нејзиниот мнозински народ, немаше да ги помеша лончињата. Да фрлела и површен поглед врз што сè помина тој во овие речиси три децении независност, ќе ѝ светнеше дека токму македонскиот народ, а не премиерот, треба да добие сатисфакција во вид на Нобелова награда за мир.

Звучи претерано? Не би рекол. Ако некој во последниве 27 години е заслужен за мирот во овој невралгичен регион, тоа се Македонците. Толкаво количество неправди, двојни аршини, условувања и понижувања од сите страни не би истрпил никој, а да не отера сè во мајчината и да го крене во воздух некогашното „буре барут“. Го малтретираше кој стигне однадвор и одвнатре, а тој си ја задржа присебноста, потиснувајќи го вулканот во себе само заради мирот и зачувувањето на ова парче земја оставено како аманет од предците.  

„Меџународната“ само нему му постави услов да го смени името на својата држава, од кое го црпи идентитетот, ако сака прием во семејството на народите. Само неговата земја доби (некрофилска) референца од Обединети нации со изведена придавка од името на државата што одамна не постои во „привременото“ име „за два месеца“. Единствено Македонија беше принудена да си го смени знамето, и тоа само заради отстранување на нелегалната економска блокада од јужниот сосед, додека од Брисел гледаа сеир и „мудро“ молчеа. Како „награда“, доби вето за НАТО во 2008 година од истиот тој сосед, со кој склучи Привремена спогодба токму за да не биде попречувана во евроатлантските интеграции. Врвот на сантата мраз беа игнорирањето од Алијансата на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг и увезениот конфликт во 2001 година од тогашниот протекторат на ОН.

И тоа не е сè, што би рекле од „Топ шоп“, за што се погрижија домашните изедници. Од криминалната приватизација, преку пирамидалните штедилници, партизираната администрација, до корумпираното судство и уште мал милион дефектни институции, кој сè не го тормозеше овој народ сите овие години. Само заради мир в куќа, поминуваше и преку тешки провокации и трауми од типот на Смилковско Езеро и Диво Насеље.             

И сега тој што ја издржа сета опишана голгота и уште многу други премрежиња неспоменати овде само поради ограничениот простор треба да му го отстапи местото во редот за Нобелова награда за мир на некој што му сервира вечен немир?! Во која нормална држава во светот се предлага за награда занемарувач на волјата на народот изразена преку масовен бојкот на референдум, и тоа за (нај)суштествена работа, каква што е името на државата? Каде тоа се добива признание за бесрамна лага за зацементиран идентитет наспроти отстранување на националните анкери во Уставот на матичната држава на народот што пролеал реки крв за да запише некаде дека конечно е свој на своето? За доведување на сопствената земја во потчинета положба во однос на друга држава и за пиши-бриши во учебниците по историја награда ли следува? Конечно, со кого војувала Македонија по триумфот во антифашистичката и народноослободителна борба за некој оттука да биде номиниран за миротворец?

Македонскиот народ ќе ги надживее и Заев, и Ципрас, и Бушамауи. А во неговата колективна меморија бездруго уште долго ќе „живее“ и оваа гротеска со номинацијата на првиот, покрај другар му од југот, ни помалку ни повеќе, туку за Нобелова награда, па уште и за мир. За некои идни поколенија да се чудат дали да се смеат или да плачат.  

SHARE

1 Коментар

  1. Е па-сеа (пасеа, пасеа пасеа, пасеа), ако и после сето ова не е јасно за каква награда се работи, и за каква нобеловка се работи па како и да се вика дали е тоа Уидад Бушамауи или Занзибарка, Гуштерка или Монструмка можеби Зоранка или Алек-сисовка – е тогаш треба веднаш да се укине образованието и секој сам да си се образува, затоа што резултатите се поразителни!
    Со овој чин само се потврдува дека сите тие награди (како и да се викаат, за што и да се доделуваат) имаат само единствена цел, да креираат уште еден бран на редикули – заклучок:
    НЕОПХОДЕН Е ЕДЕН ГОЛЕМ РЕСЕТ, кој би се искористил да се исчисти здравото од нездравото, знам звучи фашистички ама понекогаш навистина е потребен радикален зафат ако се сака да се заштити здравото и да се спречи колапс!

Comments are closed.