За албанската историја има пари, за македонската 0 денари

Во Годишната програма на Министерството за култура за 2019 година, како и минатата година, не се предвидени средства за публикување на „Историја“ – референтно научно списание на Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ).
Минатогодишната причина за неодобрените средства беше дека списанието „Историја“ не претставува „национален приоритет“. Оваа година очекуваме слично образложение, пишува во реакцијата на здружението на македонските историчари.

“Членовите на Комисијата што ги разгледуваше пријавите, веројатно сметаат дека тоа што „Историја“ е наднационално списание, во кое, како ретко каде, најсликовито се изразени мултиетничноста и мултиконфесионалноста во нашата држава, не претставува национален приоритет.

Господа, членови на Комисијата, вие секако знаете, но ние пак ќе ве потсетиме дека:
ЗИРМ е најстарото историско здружение во Р. Македонија, формирано во 1952 година.

Списанието „Историја“, понекогаш еднаш, а некогаш два пати годишно, излегува во континуитет од 1965 година. Доколку беше „од национален приоритет“, оваа година ќе излезеа 69-тиот и 70-тиот број од списанието.

Во списанието „Историја“ свои научни трудови објавувале великаните на македонската научна мисла – Блаже Конески, Љубен Лапе, Харалампије Поленаковиќ, Михаил Петрушевски, Христо Андонов-Полјански, Михаило Апостолски, Крум Тошев, Манол Пандевски, Цветан Грозданов, Александар Матковски, Иван Катарџиев, Димитар Митрев, Димче Коцо…

Токму во списанието „Историја“, во далечната 1968 година, Ш. Рахими го објави својот научен труд „Ѓерг Кастриот Скендербег“. На страниците на „Историја“, големиот Али Вишко пишуваше за историјата на Тетово и Тетовско, а Рамиз Абдули за Зеф Луш Марку.

Низа автори од Албанија, Македонија, Русија и други земји пишуваа за историјата на Албанците. Токму во „Историја“, се напишани првите научни статии на овие простори за историјата на Власите, Торбешите, Евреите и Србите од Македонија. Во „Историја“ Јусуф Хамза пишуваше за историјата на Турците во Македонија.

Во „Историја“, во втората половина на 1960-тите, беа за прв пат кај нас зачнати теми од родова проблематика, теми за историјата на жените Македонки, Албанки, Турчинки и за женските движења во нашата земја.

Врвни научници од САД, Кина, Велика Британија, Германија, Италија, Шпанија, Русија, Холандија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и од поранешните југословенски републики, во „Историја“ објавуваа свои статии за историјата на Македонија и нејзините народи.

Впрочем, во редакцискиот одбор на списанието членуваат професори и научници од Велика Британија, Турција, Полска, Русија, Германија и Хрватска. Сега треба да им се заблагодариме и да им кажеме дека нашето и нивно списание не е „национален приоритет“.

Списанието претставуваше отскочна даска за десетици млади научници – идни академици и универзитетски професори, кои во далечните 60-ти, 70-ти, 80-ти и 90-ти го имаа своето научно деби токму во „Историја“.

Во бројните рубрики (Статии, настава/дидактика, прилози, осврти, прикази и критики, материјали, библиографија, хроники, белешки, од културното минато и тн.) „Историја“ им отстапуваше простор на просветните работници од основните и средните училишта за нови идеи, критики и методи за унапредување на наставата по историја.
Скромните средства што ги побаравме од Министерството за култура ќе беа наменети за печатење на списанието и негова распределба меѓу просветните работници и други историчари од Република Македонија. Пред сѐ ним им се извинуваме што „Историја“ не е национален приоритет.

P.S: Им честитаме на колегите од Здружението на историчари Албанци од Македонија, на кои, откако минатата година им беа доделени 80 000 денари за два броја од нивното списание „Историски истражувања“, овој пат им се одобрени 123 000 денари за печатење на бр. 13 и 14 од списанието. Се работи за младо списание, на кое што секако му е потребна помош. Нам ќе ни биде чест да придонесеме со научни трудови за афирмација на нивното списание. Секако, кога во некои идни времиња „Историја“ повторно ќе биде национален приоритет, ќе ни претставува задоволство доколку и колегите од Здружението на историчари Албанци од Македонија испратат свои научни статии во „Историја“, како што тоа во минатото го правеа Рахими, Вишко, Абдули, професорката Ледиа Душку и други историчари Албанци”, пишува во реакцијата на македонските историчари.

SHARE

3 Коментари

  1. ПРОМЕНА НА ИМЕТО: СЕ РАБОТИ ЗА ПРОСТИТУИРАЊЕ НА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА!

    ПРОСТИТУЦИЈА СО НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ!

    ПРЕДМЕТОТ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е ЗАБРАНЕТ! ПРЕДМЕТ Е: ПРОСТИТУЦИЈА СО НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ!

    ПРЕДМЕТОТ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е ЗАБРАНЕТ И СО МЕЃУНАРОДНОТО И СО ДОМАШНОТО ПРАВО!

    ПРЕДМЕТОТ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е ПРОСТИТУЦИЈА, ДЕЛО ПРОТИВНО НА ЈАВЕН МОРАЛ!

  2. A, be golemi istorichari, kaj bevte koga prebeguljata L.P. mu svrte grb na SVOJOT tatko, akademikot, koj veleshe deka IMETO e sveto i istorisko! Gledate kakov narod sme nie?

  3. Какви пари барате за што? Велите македонска историја, за каква македонска историја говорите кога сега има што туку создадена нова историја на Северџани и потребно е да се обезбедат пари за Сверџаните, а Македонците и оанака се во процес на изумирање.
    Како минува времето и ваквите сајтови како инфомах.мк полека ама сигурно ќе престанат да постојат затоа што тие се финансираат од спонзори и реклами, па по некое време ќе се собереме и ќе евоцираме спомени во стилот,… ееееј знаеш ли дека Македонија ова, она… и потоа фајронт.

Comments are closed.