Одбојкарската репрезентација на Македонија славеше со 3:1 над Босна и Херцеговина, по сетови 27-25, 25-21, 23-25 и 25-19, на стартот од првиот турнир во Скопје од квалификациите за Европското првенство 2021.

Освоени се првите три бода во борбата за едно од првите две места во групата во која е и Турција, со која „црвено-жолтите“ ќе се сретнат в среда од 18 часот, а Данска го откажа настапот.

Огромната пауза по дебито на еврошампионатите во септември 2019 година во Словенија беше видлива во играта на македонските одбојкари, но ја оправдаа фаворитската улога против ослабениот ривал.

Капитенот Никола Ѓорѓиев повторно беше прво име во составот на селекторот Никола Матијашевиќ, а и на средбата во салата од СЦ „Борис Трајковски“, со 29 поени.

Двоцифрен ефект во нападот остварија и Александар Љафтов, и Владо Милев, двајцата со по 12 поени.

На ЕП што ќе се одржи во септември, а домаќини ќе бидат Полска, Чешка, Естонија и Финска, ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет од второпласираните селекции.

SHARE