Осум погодоци предност ќе понесе со себе машката ракометна репрезентација на Македонија во реваншот со Романија во среда од 17:30 часот во Клуж, благодарејќи на победата од 32:24 во првиот натпревар од баражот за Светското првенство 2019 во Данска и Германија.
Гостите во салата „Борис Трајковски“ водеа само во почетокот со 2:0, на што избраниците на селекторот Раул Гонзалес одговорија со осум гола во низа и од тој момент загосподарија на теренот до крајот од средбата.
На полувреме „црвено-жолтите“ заминаа со водство од 15:10, а максимална, двоцифрена позитива имаа во 42. минута, кога беше 24:14.
Капитенот Кирил Лазаров ги предводеше стрелците на мечот со осум гола, два повеќе од Дејан Манасков, а Ракоцеа со пет беше најефикасен во составот предводен од Чави Пасквал, тренерот на Барселона.
Голманот Борко Ристовски застана на 14 успешни интервенции.
Резултати од другите први бараж-дуели: Србија – Португалија 28:21, Литванија – Исланд 27:27, Чешка – Русија 27:26, Словенија – Унгарија 24:29, Белорусија – Австрија 28:28, Холандија – Шведска 25:24, Норвешка – Швајцарија 32:26 и Хрватска – Црна Гора 32:19.