Македонските туристи со свој превоз лани потрошиле 114 милиони евра во Грција

Туристите од Македонија што минатата година ја посетиле Грција со сопствен превоз потрошиле 114 милиони евра, покажува истражувањето на Институтот на Асоцијацијата на грчките туристички претпријатија (ИНСЕТЕ).

Македонските туристи се на шестото место во овој поглед зад тие од Романија (354 милиони евра), Србија (297 милиони), Бугарија (282 милиони), Албанија (200 милиони) и Турција (171 милион).

Македонците што минатата година го посетиле јужниот сосед со свој превоз потрошиле 121 евро по човек. За споредба, Србите потрошиле во просек по 318 евра, Романците по 311 евра, а Бугарите 75 евра по човек.

Државјаните на Македонија во просек престојувале 2,6-3,1 дена минатата година во Грција.

Вкупниот приход од туристите со личен автомобил во Грција во 2019 година достигна 1,8 милијарди евра, благодарејќи на 9,6 милиони луѓе од оваа категорија, кои оствариле 38,2 милиони ноќевања.

SHARE