На втората средба на Заедничкиот македонско-грчки интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања што ќе се одржи во март во Дојран, ќе се разговара за учебниците по историја и географија за основно образование.

„Даваме предност на разгледување на наведените карти и симболи во овие учебници што кај младите формираат мислење, а со тоа сакаме тие да имаат прифатлива реалност за соседот. Тоа значи дека ќе се гледа да се променат оние елементи за да не задираат во тоа чувство на заедништво во позитивна смисла и затоа се определивме за разгледување на овие учебници“ вели шефот на македонскиот тим, амбасадорот Виктор Габер, за МИА.

Ќе се обидеме, вели Габер, а верувам и дека со грчката страна ќе дојдеме до резултати што на двете земји ќе им пружат една нова атмосфера во односите што се однесува до воспитувањето на новите генерации.

-Не станува збор за бришење нешто, туку за адаптирање што ќе биде во интерес на зближување на двата народа, двете држави, нагласува Габер.

Инаку, Маркос Боларис, грчки заменик-министер за надворешни работи, кој го предводи грчкиот тим во пресрет на средбата ги изнесе трите барања што ги доставиле до македонската страна на првата средба во Солун: наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат антички грчки симболи и да се отстранат картите на голема Македонија.